/ Прочитано:

3.101

Пресуда на Стразбур во корист на адвокат кој кажал шега пред судот

Европскиот суд за човековите права во случајот „Симиќ против Босна и Херцеговина“ донесе пресуда во корист на адвокатот Мирко Симиќ од Брчко кој кажал шега на едно од рочиштата пред судот додека траела доказната постапка за конкретен предмет.

Во својата жалба пред ЕСЧП, апликантот – адвокат истакнал дека бил казнет за непочитување на судот затоа што ја раскажал шегата за професорот кој очекувал неговите студенти да ги кажат и имињата, а не само бројот, на жртвите од бомбардирањето на Хирошима и рекол дека судот се однесувал кон него како што професорот се однесувал кон своите студенти во таа шега.

Адвокатот Симиќ пред Стразбур се жалел на повреда на членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права во кој се пропишува дека секој човек има право на слобода на изразувањето.

Според Европскиот суд за човековите права, домашните судови не дале доволно значење на целта и контекстот на кажувањето на шегата, која всушност е критичка забелешка за водењето на процедурата пред судот.

Шегата на жалителот, потенцира Судот во Стразбур, е кажана само во судницата, а не во јавност и била наменета како критика на начинот на кој биле применети правилата за докажување во конкретниот случајот кој го водел адвокатот како застапник на неговите клиенти.

Според ЕСЧП, во овој случај адвокатот немал намера да ги навреди судиите. Иако забелешките на адвокатот, се образложува во пресудата, звучеле дури и саркастично, сепак начинот на нивното изразување може да се смета дека е во согласност со слободата на говорот.

Судот посочува дека однесувањето на адвокатите треба да е достоинствено, но исто така нагласува и дека треба да ги бранат своите клиенти ефективно. ЕСЧП, исто така, ги истакнува и значењето на критиката како слобода на изразување во поглед на принципите и на вредностите на демократските општества.