/ Прочитано:

1.240

Предлог-одлука за продолжување на кризната состојба во земјава поради зголемен обем на влез и транзитирање на бегалци

Владата на Република Македонија заклучи да побара од Собранието на Република Македонија да ја донесе Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија и да го одобри продолжувањето на рокот за справување со кризната состојба, во времетраење до 31 декември 2016 година.

Бегалци во Демир Капија

Владата на Република Македонија на 15 овој месец на владина седница донела Предлог-одлука за продолжување на кризната состојба во земјава до 31 декември 2016 година.

Врз основа на Извештајот на Управувачкиот комитет за координација и управување со кризи, врз основа на сеопфатна анализа и процена, Владата одлучила да донесе Предлог-одлука за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба поради зголемен обем на влез и транзитирање на бегалци низ територијата на Република Македонија.

„Со цел да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата на Република Македонија и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница, како и врз основа на Извештајот за направена процена и сеопфатна анализа со образложение за продолжување на времетраењето на кризната состојба и Извештајот за изработена Анализа на ризик од илегална миграција кои ви се доставуваат како придружни материјали кон Предлог-одлуката, Владата на Република Македонија заклучи да побара од Собранието на Република Македонија да ја донесе Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија и да го одобри продолжувањето на рокот за справување со кризната состојба, во времетраење до 31 декември 2016 година“, стои во образложението.

Претседателот на Република Македонија во вторникот одржа седница на Советот за безбедност на која било потенцирано дека Република Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност.

„За актуелната состојба, деновиве ќе остварам телефонски разговори со претседателите и со премиерите на земјите долж коридорот, кои учествуваат во носењето одлуки во Советот на Европската Унија за менаџирање на мигрантската криза, со претседателот на Европскиот совет, како и со холандскиот претседавач со Советот на ЕУ“, истакна Иванов по седницата на Советот за безбедност.