/ Прочитано:

2.875

Предлог-законот за приватните агенции за вработување во собраниска процедура

Предлог-законот за приватните агенции за вработување, чиј предлагач е Владата, е во собраниска процедура. Со новиот закон, велат од Владата, се овозможува уредување на правната материја со која на едно место ќе бидат опфатени условите за основање на приватните агенции за вработување, нивното функционирање и престанок, а кои како предмет на работа ќе го имаат привременото вработување и посредувањето за вработување во земјата и во странство.

Основањето и функционирањето на двата типа приватни агенции за вработување, агенциите за посредување за вработување во земјата и во странство и агенциите за привремени вработувања, беше уредено со два посебни закони: со Законот за агенциите за привремени вработувања и Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

„Ваквото уредување на материја којашто по својата суштина е многу слична честопати доведуваше до забуна и правна несигурност кај потенцијалните кандидати и основачи  на агенции“, се посочува во законското образложение.

Дополнително, се додава во образложението, постојната ситуација со која начинот на основање и функционирање на агенциите за посредување за вработување во земјата и во странство беше уреден со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност беше надвор од целта  на донесувањето и уредувањето на овој закон и не беше во духот на вработување и осигурување во случај на невработеност.

Во 2012 година Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за приватните агенции за вработување, 1997 (С 181) на Меѓународната организација на трудот и истата стана дел од внатрешниот правен систем на државата. И во Конвенцијата на едно место е уредено функционирањето на агенциите за привремени вработувања и агенциите за посредување.

„Од погоре наведените причини и следејќи го примерот на споменатиот трудов стандард, а имајќи ја предвид важноста на флексибилноста во пазарот на труд и препознавајќи ја улогата што приватните агенции за вработување можат да ја играат на овој пазар, како и имајќи ја предвид потребата за заштита на работниците, вработени преку приватните агенции за вработување, од можни злоупотреби, се пристапи кон донесување на нов закон“, се образложува во Предлог-законот.

М.В