/ Прочитано:

1.700

Подготвен е новиот текст на Предлог-законот за приватните агенции за вработување

Последните месеци од минатата година беше изготвен нов текст на Предлог-законот за приватните агенции за вработување, известуваат од Министерството за труд и социјална политика. Подготовката на новиот Закон за приватните агенции за вработување од страна на Министерството беше објавена минатиот месец.

„Постојната ситуација со која начинот на основање и функционирање на агенциите за посредување за вработување во земјата и во странство беше уреден со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност беше надвор од целта на донесувањето и уредувањето на овој закон и не беше во духот на вработување и осигурување во случај на невработеност“, образложија од Министерството.

Во процесот на подготовка на Законот, посочуваат од Министерството, беше обезбедено широко учество на сите засегнати страни, вклучително и на постојните агенции за посредување за вработување и  агенциите за привремени вработувања.

Основањето и функционирањето на постојните два типа на приватни агенции за вработување, агенциите за посредување за вработување во земјата и во странство и агенциите за привремени вработувања, беше уредено со два посебни закони: Законот за агенциите за привремени вработувања и Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

„Ваквото уредување на материјата, којашто по својата суштина е многу слична, честопати доведуваше до забуна и до правна несигурност кај  потенцијалните кандидати за вработување и кај основачите  на агенции“, образложуваат од Министерството.

Цел на Предлог-законот  е да постои единствено регулирање на приватните агенции за вработување и надминување на постојните проблеми при имплементација на законите кои како предмет на уредување ги имаат приватните агенциите за вработување, како и заштита на работниците вработени преку овој вид на агенции од можни злоупотреби.

Предлог-законот за приватните агенции за вработување беше ставен на разгледување на седница на Економско-социјалниот совет  на која присуствуваа и претставници од агенциите. Советот, како национално трипартитно тело, даде позитивно мислење за Предлог-законот, и предлогот беше доставен до Владата на Република Македонија.

Во подготовка нов Закон за приватните агенции за вработување

М.В