Предложени измени на Законот за градење по скратена постапка
Група пратеници во Собранието предлагаат измени на Законот за градење по скратена постапка. Целта на овој предлог-закон е обезбедување поголема контрола, поголема ефикасност во работењето, како и градење на поголема независност на локалната самоуправа за издавање одобренија за градба.
„Со Законот за градење се уредуваат градењето, основните барања на градбата, потребната проектна документација за добивање на одобрение за градење, правата и обврските на учесниците во изградбата, начинот на употреба и одржување на градбата, како и други прашања од значење за градењето.
Во членот 58 уредени се надлежните органи за издавање на одобрувања за градба. Во досегашната примена на законот, заради обезбедување на поголема контрола, поголема ефикасност во работењето, како и градење на поголема независност на локалната самоуправа, се појави потреба надлежноста на органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот за издавање на одобренија за градење на одредени објекти да се префрлат во надлежност на градоначалниците на општините, односно градоначалникот на Градот Скопје.
Исто така, со овој предлог-закон се предлага да се допрецизира одредбата на членот 73, односно да се дополнат две категории на градби за кои не е потребно издавање на одобрение на градба“, се посочува во законското образложение.
М.В