/ Прочитано:

2.293

ПРЕДМЕТ „ТРАНСПОРТЕР“: Талески плаќал за училиштен превоз во Битола повеќе отколку што чини таков превоз во Токио

Како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, сега помилуваниот градоначалник веројатно плаќал поскап превоз за ученици и од градоначалникот на Токио, со директни штетни финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија.

Фатиме Фетаи

Дваесет и две лица, меѓу кои како првоосомничен се јавува градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, и злоупотреба на 360 илјади евра од Буџетот на Република Македонија преку злоупотреба на службената положба, се дел од новиот предмет што го отвори Специјалното јавно обвинителство, под име „Транспортер“.

Како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, сега помилуваниот градоначалник веројатно плаќал поскап превоз за ученици и од градоначалникот на Токио, со директни штетни финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија.

Предметот за преплатениот училиштен превоз СЈО го презел од Основното јавно обвинителство – Битола, каде што веќе било изготвено економско вештачење за испитување на работата на Општината во спроведувањето на јавни набавки за превозот на ученици, рече Фетаи.

„Имено, постои основано сомнение дека градоначалникот на Општина Битола и претседателот на Комисијата за јавни набавки на Општината, формирана од градоначалникот, во договор со директорите на основните и средните училишта во Битола и со одговорните лица на превозниците  Хера-турс, Транскоп АД, Џем турс,  Боби турс, Џими турс, Д и А  Хера транс, Лука експрес, Марија транс, Турист превоз, Хера превоз Новка и Гопеш транс, нанеле вкупна штета на средствата од Буџетот на Република Македонија во износ од 22.024.891,00 денар или околу 360 000 евра, за само две учебни години“.

Кривичниот законик, конкретно членот 122 став 36 од КЗ,  го класифицира ваквиот износ на штета како износ од големи размери поради фактот што е поголем од износот на 250 просечни плати во Република Македонија во времето на извршување на делото.

Во извршувањето на кривичните дела, потенцира Фетаи, константни се градоначалникот на Општината и претседателот на Комисијата за јавни набавки и сопственик на книговодствено биро кое го водело книговодството на некои од превозниците кои ги добиле тендерите.

„Тие учествуваат во сите дејствија. Тоа се 81 дејствие кои се спротивни на Законот за јавни набавки, спротивни на склучените договори, спротивни на Законот за средно  образование и спротивни на Законот за основно образование. Taкoв е ставот и на министерот за финансии во споменатиот разговор, како што вели: ‘коруптивни до даска’. Со тоа што сега веќе тоа е став и на вештите лица, а произлегува и од останатиот прибран материјален и вербален корпус на докази“, изјави Фетаи.

Фетаи наведе дека во кратки црти ќе појасни како се одвивала шемата:

„Имено, сега веќе помилуваниот градоначалник на Битола во 2009 година донел одлука за јавна набавка за превоз на ученици, средства кои се наменска дотација обезбедена од Буџетот на Република Македонија.

Прес Специјално јавно обвинителство предмет „Тортура“

По спроведена постапка од страна на Комисијата за јавни набавки, градоначалникот донел одлука со која за најповолни понудувачи биле избрани правните лица „Хера-турс“ ДООЕЛ Битола, „Транскоп“ АД Битола, „Џем турс“, ДООЕЛ Битола и „Боби турс“ ДООЕЛ Битола, како вршители на услугата. Веднаш потоа, од  страна на управителите на овие правни лица, вршители на услугата, градоначалникот, како носител на јавната набавка, и директорите на средните училишта: „Д-р Јован Калаузи“, „Таки Даскало“, „Јосип Броз Тито“, „Ѓорѓи Наумов“, „Јане Сандански“ и „Кузман Шапкарев“, како корисници на услугата, биле склучени договори за превоз на ученици. Во договорите било предвидено да се формира комисија која ќе го следи исполнувањето на истите, составена од три члена, и тоа од сите договорни страни по еден член. Се чини дека дотука дејствијата се вршени по позитивните прописи, меѓутоа оттука натаму сѐ е спротивно на тие прописи, кои веќе ги наведов, а ниту наведената комисија воопшто не била формирана. Конкретно, иако ги знаеле сите факти за понудата, се разбира, и цената дадена по автоденови, управителите на правните лица кои вршеле превоз на учениците фактурирале износи значително повисоки од износите понудени и прифатени во јавната набавка. Таквите фактури со недоговорените износи биле одобрени од осомничените како директори на средните училишта – корисници на услугата, кои за овие фактури сочинувале месечен извештај и истиот го доставувале до градоначалникот на Општината кој ги одобрувал ваквите износи во извештаите и ги потпишувал налозите за плаќање на таквите недоговорени износи, спротивно на јавната набавка. Наплатата била извршена во периодот 2012 – 2014 година, во најголем дел преку цесии, поради фактот што на  училиштата им биле блокирани жиро-сметките поради неисплатен превоз“, појасни обвинителката.

Специјалното јавно обвинителство најави дека до Судот ќе поднесе и предлози за изрекување мерки против имотот на дел од осомничените и на дел од превозниците како правни лица кои поради кривичните дела стекнале имотна корист, со конкретно барање за забрана за располагање со имотот. Конкретно, ќе биде побарана забрана за располагање со 3 стана, 8 патнички моторни возила  и 33 автобуси со цел да биде надоместена предизвиканата шета.

„Вакви мерки ќе бидат побарани и против имотот на градоначалникот на Општина Битола бидејќи помилувањето, како акт на милостина од Претседателот, во овој случај само спрема градоначалникот, не ја опфаќа ниту имотната корист од кривичното дело, ниту штетата што е должен да ја надомести“, рече Фетаи.

Фетаи заврши со тоа дека против градоначалникот на Општина Битола се водат и други предистражни постапки за коруптивни активности за кои претседателот сè уште го нема помилувано.