/ Прочитано:

1.139

Препораки за подобрување на системот за заштита на личните податоци во обвинителствата во 2018 година

Во Годишниот извештај за работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2017 година се вели дека 46 % од обвинителствата делумно применуваат технички и организациски мерки за заштита и тајност на личните податоци, а 54 % воопшто не применуваат. Притоа, во ниту едно обвинителство не е утврдено дека целосно се применуваат техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на личните податоци при нивната обработка.

Она што треба да се преземе од страна на сите јавни обвинителства,  предводени од Јавното обвинителство на Република Македонија, посочуваат од Дирекцијата, е зајакнување на системот за заштита на личните податоци преку обезбедување човечки, технички и финансиски ресурси.

Особено, се нагласува во Извештајот, постои потреба од зголемување на бројот на стручен ИТ-кадар во обвинителствата, како и поставување на офицери за заштита на личните податоци на кои оваа позиција ќе им биде првенствена и главна.

Офицерите за заштита на личните податоци заедно со ИТ-администраторите треба да отпочнат да вршат редовни контроли, како и да спроведуваат обуки на сите вработени во обвинителствата во однос на обврските за заштита и тајност на личните податоци и примена на техничките и организациски мерки за заштита и тајност на личните податоци.

И покрај хиерархиската поставеност, обвинителите ќе треба целосно да ги имплементираат прописите за заштита на личните податоци и да соработуваат со офицерите за заштита на личните податоци во нивните обвинителства.

„Се препорачува офицерите да покажат проактивна улога и поголема соработка со Дирекцијата за заштита на личните податоци, но и меѓусебно да соработуваат заради надминување на моменталната состојба. Исто така, се очекува раководните обвинители да дадат целосна поддршка на офицерите во исполнување на нивните задачи. Сите обвинителства задолжително ќе треба да обезбедат почитување на едно од основните начела за заштита на личните податоци при нивната обработка, односно документацијата со личните податоци да ја чуваат во форма што овозможува идентификација на субјектите на личните податоци, не подолго од што е потребно за исполнување на целта или целите поради кои личните податоци биле собрани за натамошна обработка. По исполнување на целта или целите, документацијата ќе треба да се уништува, во согласност со закон, или целосно да се анонимизира и да се заштити од неовластена употреба, а по нејзиното анонимизирање да може се обработува единствено за историски, научни или статистички цели, со почитување на правото на заштита на приватноста, личниот и семејниот живот на субјектите на личните податоци“, посочуваат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

M.В