/Прочитано:

202

Препораките од Извештајот на Европската комисија презентирани од министерот за правда

„Последниот Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија претставува најсилен доказ за посветеноста на Владата да ја трансформира Северна Македонија по европски терк и да овозможи еднаков пристап до правдата, еднакви можности за сите и еднаквост пред законот.

Во Извештајот ни оддадоа признание за добриот напредок на реформите во правосудството и борбата против корупцијата, и се констатира усогласеност на законската рамка за заштита на човековите права со европските стандарди во најголема мера.

Зголемени се напорите на Северна Македонија и остварени се видливи резултати како во судството така и во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Ќе искористам зборови од Извештајот кои се издвојуваат како најзначајни за постигнувањата на Владата: ‘Како резултат на нејзините реформски напори во последниве години, Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за именувања засновани врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси и дисциплински постапки.’

Воедно, се оддава признание за добриот напредок на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудството, во која се адресирани Итните реформски приоритети на Прибе, како и препораките од Венецијанската комисија.

Европската комисија има пофални зборови за проактивната улога на Судскиот совет, особено во делот на примената на новите правила за именување и унапредување на судиите, како и за утврдувањето на дисциплинска одговорност и разрешувањето на судиите.

Како успех се забележува и усвојувањето на Законот за Советот на јавните обвинители, Законот за Јавното обвинителство и продолжувањето на постапките на СЈО, преку кои ќе се утврди одговорност за злосторствата што произлегуваат од и околу незаконското прислушување.

Воедно, се испраќа и една порака дека ни се потребни повисоки стандарди на однесување, а дека законите ни требаат и во пракса, а не само на хартија, цитирам: ‘Ефективната имплементација на законската рамка, како и зголемените напори на сите засегнати страни да покажат преку сопствениот пример ќе придонесат кон зголемување на довербата на јавноста во судството.’

Главните препораки во правосудството се:

– конзистентна имплементација на Стратегијата за реформи на правосудството и демонстрација на цврста посветеност на независноста на правосудството, заштитувајќи го од каков било ризик од политички влијанија, вклучително и со употребата на достапни механизми за проверка на професионалноста и интегритет на судиите и обвинителите;

– финализирање и започнување со имплементација на стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството и подобрување на АКМИС со цел да се обезбеди дека тој е целосно функционален и сигурен;

– да се продолжи со имплементација на новата законска рамка поврзана со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и новиот Закон за Јавно обвинителство.

Добро или умерено ниво на подготвеност се забележува и во делот на превенцијата и борбата против корупцијата. Посебно, Европската комисија ја поздравува проактивноста на Државната комисија за спречување на корупцијата, особено во бескомпромисноста во борбата против корупцијата и отворањето на голем број случаи, вклучително и оние со високи функционери од целиот политички спектар.

Во делот на борбата против корупцијата, клучни препораки се следните:

– имплементација на новата законска регулатива со која се префрлаат некои од надлежностите на поранешното СЈО во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и регулирање на статусот на прислушуваните материјали, така што утврдувањето на одговорноста за кривичните дела што произлегуваат од прислушувањето ќе продолжи;

– да покажеме повеќе опипливи резултати во борбата против криминалот, односно да се зголеми бројот или досието со конечни пресуди за случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со понатамошна конфискација на имот стекнат со криминал;

– последно, но не и помалку значајно, Европската комисија ни препорачува демонстрирање на политичка волја за борба против корупцијата преку поддршка на релевантните тела со натамошни финансиски и човечки ресурси и преку обезбедување јасни политички упатства за сите државни институции за тоа како да се справат со корупцијата во согласност со препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Законската рамка за заштита на човековите права во голема мера е во согласност со европските стандарди.

Препораките од Европската комисија се во насока на тоа дека треба повеќе да се посветиме на обезбедување на создавање на повисоки стандарди и подобрување на условите во затворскиот систем, како и на исполнување на препораките на Комитетот за заштита од тортура.

Одреден прогрес е забележан и во делот на имплементацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на Изборниот законик. Се нотира дека инклузивно треба да направиме дополнително усогласување со сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

Наш приоритет, како за отворање на преговорите така и за целиот тек на преговорите, ќе биде изградба на транспарентни, ефикасни, независни и непристрасни правосудните институции базирани на принципот на владеење на правото и заштита на човековите права.

Остануваме на заложбата сите реформските процеси од Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права да се прават во блиска координација и партнерство со ЕУ  и под лупата на Брисел.

Институциите се подготвени за трансформација и европеизација на Северна Македонија и очекуваат конечно започнување на првата меѓувладина конференција во декември оваа година.

По почетокот на првата меѓувладина конференција, за спроведување на реформите, кои ќе бидат детално следени од страна на Европската Унија, ќе се усвои патоказ за поглавјата во делот на владеењето на правото, во кој детално, со точно утврдени рокови, ќе се разработат реформите кои треба да ги преземе земјата во текот на преговорите со цел нивно успешно завршување и пристапување кон полноправно членство во ЕУ.

Имаме добра стартна позиција. Следува период на европеизација, во кој секој граѓанин треба да почувствува промена: повисоки стандарди и подобри услуги од институциите, пофункционален систем, еднаквост пред законот и  заштита на своите права. Со поддршка од ЕУ, Северна Македонија може да стане подобро место за живеење.“, образложува министерот за правда.

М.В