/ Прочитано:

1.317

Претседателот на Здружението на судиите одржа работен состанок со претседателот на подружницата на Здружението при Управниот суд

Претседателот на Здружението на судиите на Република Македонија, д-р Џемали Саити, одржа работен состанок со претседателот на подружницата на ЗСРМ при Управниот суд, м-р Ѓоко Живковски.

Претседателот на Здружението на судиите на Република Македонија, д-р Џемали Саити, одржа работен состанок со претседателот на подружницата на ЗСРМ при Управниот суд, м-р Ѓоко Живковски и потпретседателот, м-р Дитурије Елези Незири.

На состанокот се разговараше за актуелните состојби во судството, со посебен акцент на последните случувања во рамки на Управниот суд, кои се однесуваат на покренатите кривични постапки против судии на овој суд.

Претседателот Саити ги информираше соговорниците за досега преземените активности од страна на Здружението во однос на ова прашање, а притоа ги реафирмираше веќе искажаните ставови на Управниот одбор на Здружението кои се однесуваат на независноста, непристрасноста и одговорноста на судиите.

Во овој контекст, во рамки на утврдените констатации, односно заклучоци од оваа работна средба, а во смисла на континуираниот став на ЗСРМ во однос на пресумпцијата на невиност и особено Амандманот XXVII од Уставот на РМ, уште еднаш го реафирмираме соопштението на Управниот одбор на ЗСРМ, објавено на 25.10.2016 година, на веб-страницата на Здружението и во други медиуми, а кое се однесува на ова прашање:

„Здружението на судиите на Република Македонија со особено внимание ги следи актуелните состојби во судството, особено прашањата што се однесуваат на независноста, непристрасноста, евалуацијата и одговорноста, како највисоки дострели утврдени во Уставот на Република Македонија, законите од областа на судството, како и меѓународните документи и тоа особено Европската конвенција за човековите права, Бенгалорските начела, Големата повелба за судиите, како и Мислењето бр. 3 на Советодавниот совет на европските судии при Советот на Европа.

Здружението на судиите укажува дека независноста на судството е неопходна за обезбедување на непристрасна правда и поради тоа, судијата  неа треба да ја поддржи и да дава пример на судската независност и во нејзиниот индивидуален и институционален аспект.

Здружението на судиите укажува дека судијата ја врши судската функција независно, врз основа на својата проценка на факти и во согласност со совесно разбирање на законот, без никакви надворешни влијанија, поттикнувања, притисоци, закани или мешање, директно или индиректно од која било страна или од која било причина.

Здружението на судиите на Република Македонија укажува дека последицата на судската власт и довербата на доделените судии од страна на општеството се потреба за постоење на инструмент кој ќе ги одржува судиите одговорни и ќе овозможи дури и нивно отстранување од функцијата во случај на грешки во однесувањето, толку големи што ја оправдуваат таквата мерка. Потребата за внимателно препознавање на ваквата одговорност произлегува од потребата да се заштитат судската независност и слободата од несоодветен притисок.

Здружението на судиите на Република Македонија укажува дека во согласност со Амандман XXV од Уставот на РМ, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Во согласност со Амандман XXVII од Уставот на РМ, Здружението на судиите на РМ укажува дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки. Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Исто така, Здружението на судиите на Република Македонија укажува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законот и дека никој не  може да биде привилегиран од одговорност доколку евентуално сторил какво било кривично дело, а со оглед на сензитивноста на судската функција, Здружението укажува на посебна внимателност во делот на постапувањето, преносот на информациите, како и примената на начелата кои се дефинирани во согласност со позитивните прописи и меѓународните стандарди и права за извршување на судската функција“.

М.В