/ Прочитано:

1.214

Принципот на невраќање наспроти одговорот на државата на нерегуларната миграција низ призмата на ЕСЧП

Од 3 до 5 април 2018 година во Дојран се одржа семинар на тема „Принципот на невраќање наспроти одговорот на државата на нерегуларната миграција – Кон поефективна заштита на бегалците и мигрантите согласно ЕКЧП“, во организација на Македонското здружение на млади правници (МЗМП), а со поддршка на Советот на Европа.

„Во текот на двата дена говоревме за принципот на невраќање и обемот на негова примена низ призма на практиката на Европскиот суд за човекови права. Точки на дискусија беа особено забраната за колективно протерување на странци и стандардите за ограничување на слободата на движење на баратели на азил и странци“, информираат од МЗМП.

Целта на семинарот беше да ги зајакне знаењата и експертизата на претставниците на релевантните министерства, управните судови и обвинителството, како и на правниците од МЗМП.

Своите искуства и знаења со учесниците ги споделија Дмитро Третиаков, правник во Европскиот суд за човекови права, Јута Сидел, виш правен соработник и претставник на УНХЦР во европските институции во Стразбур, и Ивана Роагна, адвокат за човекови права и стратешко застапување.

За време на панел-дискусиите вториот ден се дискутираше за правната рамка и практиките на протерувањето и присилното враќање на странци, како и за задржувањето на странци од имиграциски причини во Македонија. Предмет на разгледување беа и новите законски измени во насока на ограничување на слободата на движење на барателите на азил.

Како панелисти во текот на првиот панел на тема за протерувањето и присилното враќање на странци говореа Никола Мирчевски, началник на Секторот за гранични операции при МВР, Славица Чубриќ, проектен офицер во Советот на Европа и Зоран Дранговски, претседател на МЗМП.

На тема во врска со задржувањето и ограничувањето на слободата на странци и баратели на азил говореа панелистите Никола Мирчевски, началник на Секторот за гранични операции при МВР, Братка Дејаноска-Милчевска, началник на Секторот за азил при МВР, Снежана Теодосиевска-Јорданоска, државен советник при Народниот правобранител на РМ и  Митко Кипровски, проектен офицер во МЗМП. Семинарот заврши со презентација на ХЕЛП-програмата на Советот на Европа и вовед во курсот  на ХЕЛП/УНХЦР „Азилот и ЕКЧП“.

Семинарот на тема „Принципот на невраќање наспроти одговорот на државата на нерегуларната миграција – Кон поефективна заштита на бегалците и мигрантите согласно ЕКЧП“ се залага за ефикасна заштита на правата на бегалците и мигрантите во согласност со Европската конвенција за човекови права. Семинарот беше овозможен со поддршка на Советот на Европа.

М.В