/ Прочитано:

1.997

Промовирана книгата „Финансиски истраги – Водич за практичари“ од д-р Ивица Симоновски и м-р Кристина Евго

Вчера, 01.06.2022 година, пред преполната сала со гости, беше промовирана новата книга  „Финансиски истраги – Водич за практичари“ од авторите д-р Ивица Симоновски и м-р Кристина Евго.

Главна цел на оваа книга е да го објасни процесот низ кој секој финансиски истражител треба да помине при планирањето и водењето финансиска истрага, како и мерките и активностите кои треба да ги преземе со цел законито документирање на потребните материјални докази во комплексни истраги против софистицирани криминални мрежи и терористички организации.

Од клучно значење во превенцијата и борбата против организираниот и сериозен криминал, како што и самите автори истакнаа на вчерашната промоција, е интергирана финансиска истрага паралелно со кривичната истрага. Само преку соработка меѓу различните домашни и меѓународни институции, во време на секојдневен технолошки напредок, но и постојано изнаоѓање на нови начини на сторување криминал, можна е успешна и ефикасна борба против сите форми на криминал.

Авторите своето долгогодишно практично искуство го преточија во овој текст кој може да се користи како учебник за студентите или за оние кои сакаат да се остручат во оваа област, но и како потребно четиво за практичарите, особено младите финансиски истражители кои се на почетокот на нивната кариера.

Книгата, освен на македонски јазик, е преведена како посебно издание и на англиски јазик под наслов “How to Become a Financial Investigator”.

Малку за авторите

Кристина Евго е виш советник за организиран криминал во ОБСЕ – Мисија во Србија. Пред нејзиниот ангажман во ОБСЕ во 2020 година, таа беше раководител на Секторот за криминалистичко разузнавање и анализа во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, каде помина 20 години од својот работен век, од кои речиси 15 години во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал.

Ивица Симоновски е финансиски аналитичар во Управата за финансиско разузнавање на Република Северна Македонија со 15 годишно искуство во финансиските истраги и финансиските анализи. Од 2018 година тој е сертифициран евалуатор за спречување на перење пари и финансирање на тероризам при Moneyval Комитетот – Совет на Европа. Од 2014 година тој е предавач на Академијата за банкарство и информатичка технологија, а од 2019 година предавач и на Институтот на одбраната за Меѓународни правни студии во Њу Порт, САД.

Од рецензентите проф. д-р Светлана Николоска и проф. д-р Синиша Наумоски

„Авторите на трудот „Финансиски истраги – Водич за практичари“, покажуваат посветеност во теоретското истражување на проблематиката и применуваат методи на научно-истражувачка работа со што покажуваат зрелост на теоретичари кои теоретските и практичните знаења ги преточуваат во вештини на практично постапување, со што трудот добива висок квалитет на апликативност во практиката на полициските службеници, службениците за финансиско разузнавање, јавните обвинители и судиите, но и за адвокатите, сметководителите, нотарите, истражувачките новинари и други стручни лица и институции кои се занимаваат со проблематиката на финансиски истраги.“