/ Прочитано:

891

Прв мониторинг извештај за реформите во правосудството

Во рамките на проектот „За правда“ – заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување, кој е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, партнерските организации: Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Институтот за човекови права, Институтот за европски политики, Здружението на млади правници на Македонија, Коалицијата сите за правично судење и Центарот за правни истражувања и анализи го следеа процесот на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството (2017 – 2022) и Акцискиот план, особено преку следење на транспарентноста на процесот, нивото на вклученост на засегнатите страни и граѓанскиот сектор, почитувањето на временската рамка утврдена со Акцискиот план и напредокот во однос на спроведувањето на реформите, односно имплементацијата на донесените закони.

Првиот извештај го опфаќа кварталот август – ноември 2018 година, период во кој требаше да завршат повеќе активности предвидени со Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за реформи во правосудството (2017 – 2022) и да бидат донесени повеќе закони. Со анализа на податоците добиени од следењето на Стратегијата и Акцискиот план во наведениот период дадена е оценка на горенаведените параметри: транспарентноста, вклученоста на засегнатите страни и граѓанските организации, почитувањето на временската рамка и имплементацијата на донесените закони.

Во извештајот се нотира дека процесот на донесувањето на Стратегијата бил делумно транспарентен. Делумно била транспарентна и вклученоста на граѓанскиот сектор и засегнатите страни и не била испочитувана временската рамка за донесување на законите.

Податоците добиени од ова квартално следење на реформските процеси се содржани во Анексот кон првиот мониторинг извештај.

М.В