/ Прочитано:

4.567

Прва правосилна пресуда која утврдува дискриминација во работен однос по основ бременост

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информира дека Апелациониот суд Скопје, во постапка поддржана од МЗМП во рамките на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права, донесе пресуда со која се утврдува повреда на правото на тужителката на еднаква можност и третман со вршење на дискриминација по основ на родителство – бременост.

Тужителката е застапувана од адвокат Софија Бојковска од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.

Тужителката, вработена во основно училиште, го повела овој спор поради дискриминаторски третман од страна на директорот на училиштето во моментот кога соопштила дека е бремена. Имено, тужителка, заедно со уште неколку колеги, исполнувала услови за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, поради што од страна на училиштето било поднесено барање за трансформација на нивниот работен однос. Веднаш откако тужителката соопштила дека е бремена, нејзиното барање за трансформација на работниот однос била повлечено, додека барањата на другите колеги не.

Првостепениот и второстепениот суд потврдиле дека со извршеното повлекување на барањето за трансформација на работниот однос на тужителката од определено во неопределено време од причина што соопштила дека е бремена тужените постапиле спротивно на членот 6 и членот 9б ставот 1 од Законот за работните односи и го повредиле правото на тужителката на еднакви можности и еднаков третман, односно извршиле дискриминација.

Тужените не докажале дека разликата во третманот спрема тужителката има објективно и разумно оправдување, односно дека различниот третман се заснова на објективна оцена на различни фактички околности, во согласност со членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и праксата на Судот во Стразбур.

Судот, исто така, ги задолжил тужените да ѝ исплатат на тужителката паричен износ од 50.000,00 денари по основ на надомест на нематеријална штета заради сторената повреда на правото на еднаквост и утврдена дискриминација по основ на бременост.

Софија Бојковска, адвокат

Првата пресуда за дискриминација врз основа на бременост e многу важна за остварувањето на работничките права – адвокат Софија Бојковска

Донесена е првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на личен статус – бременост

М.В