/ Прочитано:

1.777

Публикација „Правна заштита на избирачките права: предизвици и перспективи“

Публикацијата „Правна заштита на избирачките права: предизвици и перспективи“, чиј автор е д-р Јелена Ристиќ, универзитетски професор и адвокат, претставува детален приказ на резултатите што произлегоа од активностите спроведени во рамките на проектот „Правна заштита на избирачките права“, имплементиран од Институтот за правни и политички истражувања, со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.

Проектот е имплементиран во периодот од септември 2017 до октомври 2019 година, при што биле опфатени локалните избори одржани во октомври 2017 година, референдумот одржан во септември 2018 година и претседателските избори одржани во април – мај 2019 година.

Главниот фокус на проектот е ставен на зајакнувањето на заштитата на слободното остварување на избирачкото право преку преглед, селекција, подготовка и поднесување на случаи во врска со разни повреди на избирачките права до релевантните институции, како и обезбедување поддршка на актерите во правосудството при идентификување, следење и подобро разбирање на прашањата и на потребите во однос на спроведувањето на регулативата за заштита на избирачките права.

Во оваа смисла е спроведена и анализа на законската регулатива што е релевантна за избирачкото право, со цел да се придонесе кон спроведувањето на ревизијата и подобрувањето на Изборниот законик.

Крајна цел на проектот е да се документираат и да се профилираат повредите на избирачкото право и да се идентификуваат евентуални системски недостатоци што имаат потенцијал да спречат соодветно ниво на превенција и заштита. Во оваа смисла, треба да се забележи дека главниот фокус е ставен на активното избирачко право на граѓанинот, односно правото да гласа.

Општиот заклучок што може да се извлече од анализите и од истражувањата спроведени во рамките на активностите на проектот „Правна заштита на избирачките права“ е дека во последните неколку години е постигнат одреден степен на напредок во однос на заштитата на избирачкото право и обезбедувањето слободни и фер избори. Имено, може да се тврди дека Република Северна Македонија, генерално, постигнала добро ниво на демократија во однос на изборите и гласањето. Сепак, истовремено, може да се заклучи и дека сè уште постојат разни области каде што се неопходни подобрувања, со цел да се зајакне заштитата на уставното избирачко право на граѓаните.

Публикацијата има цел да придонесе да се биде во чекор со проблемите и со потребите во врска со заштитата на избирачкото право и да обезбеди веродостојни насоки за преземање на понатамошни чекори за подобрување на владеењето на правото, преку зајакнување на заштитата на избирачкото право.

Во оваа смисла, публикацијата содржи заклучоци и препораки во однос на обезбедувањето повисоко ниво на ефективна заштита на избирачкото право во Република Северна Македонија. Публикацијата е преведена на албански и англиски јазик (сите три верзии – македонска, албанска и англиска се содржани во публикацијата во прилог) и во целост може да се преземе на следниот линк: Публикација „Правна заштита на избирачките права: предизвици и перспективи“

Интервју со д-р Јелена Ристиќ, адвокат, професор и автор на книгата „Структура и функционирање на Европскиот суд за човековите права“

М.В