/ Прочитано:

1.453

Работење во конкретна правна област – размислување за правилниот избор

При одредувањето на насоката по која ќе работи адвокатската канцеларија, потребно е да се направи детална анализа на пазарот, на понудата и побарувачката, во смисла дали има и други канцеларии кои даваат исти или слични услуги, дали има доволно клиенти со кои би соработувале и колкав би бил нивниот интерес за да ја изберат токму вашата фирма.

Илустрација

Адвокатските фирми даваат правни услуги во повеќе области, но сепак најголем дел од адвокатите се специјализираат во конкретна област со цел да ја усовршат и да се истакнат во адвокатурата. Посветувањето на една правна област и на процесот на нејзино усовршување, сепак, може да зависи од големината на адвокатската канцеларија, од начинот на нејзината работа, од бројот на вработените во неа и од нејзината организациска поставеност.

Доколку, на пример, адвокатската фирма е посветена на финансиското право и на работата со компании и банки, пожелно е во својата структура да има вработено и економисти, односно финансиски експерти кои со својата работа ќе помогнат и ќе придонесат во специјализирањето на целата фирма во конкретната област. На тој начин менаџментот ќе има подобар преглед на тековното работење, ќе се осигури дека работите се одвиваат во посакуваниот правец и целосно ќе се посвети на привлекување на оние клиенти кои ќе бидат од интерес за адвокатската канцеларија, во однос на дејноста во која е специјализирана, а воедно и буџетот за работа ќе биде наменет само за тие цели, без притоа да се издвојуваат средства за активности кои не се во доменот на областа на работење.

При одредувањето на насоката по која ќе работи адвокатската канцеларија, потребно е да се направи детална анализа на пазарот, на понудата и побарувачката, во смисла дали има и други канцеларии кои даваат исти или слични услуги, дали има доволно клиенти со кои би соработувале и колкав би бил нивниот интерес за да ја изберат токму вашата фирма. Во правењето на овие анализи потребно е да се слуша гласот на деловниот свет, а не да се оди кон она што лично сака да го работи и што го чувствува како лична желба адвокатот кој сака да се специјализира во одредена област. Сепак, овде станува збор за бизнис, за работа со капитал и добро менаџирање и најдобро би било да се следи разумот на бизнисот.

Собирањето на претходното лично искуство од адвокатската работа исто така може да помогне во одредувањето на правилниот избор во специјализирањето во одредена правна област. Доколку работел во слична област адвокатот кој го планира овој чекор претходно, или пак доколку има познаници кои можат да го насочат и да му го пренесат своето искуство, тогаш е полесно за определување, од причина што теренот за работа е веќе делумно поставен, контактите се во непосредна близина и канцеларијата може да започне со работа без претходно да се троши време на создавање контакти или непотребно талкање од област до област.

Посетувањето семинари, деловни средби, обуки, е исто така корисен чекор во определувањето не само на дејноста со која ќе се занимава канцеларијата туку и во можноста за запознавање и првична селекција на идните вработени во фирмата. На тој начин адвокатот ќе има можност да запознае стручни лица кои би можеле да работат во неговата канцеларија и одблизу да се запознае со нивните професионални квалитети (финансиски, даночни експерти на пр.).

На крај, според советите на британскиот весник „Гардијан“, адвокатот никако не смее да заборави на сопственото надградување и следење на тековните информации поврзани со правото, а особено со областа со која се занимава. Тој постојано треба да поседува што е можно повеќе информации од правната област, политиката, економијата, општествениот живот бидејќи, според економската дефиниција, бизнисот претставува еден економски систем, активност на купување, продавање и правење на одредени деловни работи за пари и ја претставува секоја активност со која се заработуваат пари, а адвокатурата е составен дел од него.