/ Прочитано:

1.444

РЕАКЦИЈА: Да се запре изборот на претставници во Советот за соработка на Владата со граѓанскиот сектор

Потпишаните граѓански организации сметаат дека со постапката на објавување на јавниот повик за избор на 13 членови на Советот за соработка, Владата не ги зела предвид препораките и укажувањата на организациите од граѓанското општество во врска со воспоставувањето на Советот и со тоа дополнително ја поткопала веќе кревката доверба меѓу државните институции и граѓанскиот сектор.

Реакција до Влада на граѓанските организации

По повод одлуката на Владата на Република Македонија за објавување јавен повик за избор на членови на Советот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор објавен во Службен весник на РМ 98/2016 од 19 мај 2016 година, со изјава упатена до Владата се јавија 89 граѓански организации во која бараат:

– Да се запре процесот за избор на претставници од граѓанското општество во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор (Советот);

– Да се направат измени и дополнувања на донесената одлука за формирање на Советот и

– Да се отвори консултативен процес со претставниците на граѓанските организации, во кој различните мислења и ставови за Советот ќе бидат земени предвид и ќе бидат усогласени согласно споредбените искуства и практики.

Потпишаните граѓански организации сметаат дека со постапката на објавување на јавниот повик за избор на 13 членови на Советот за соработка, Владата не ги зела предвид препораките и укажувањата на организациите од граѓанското општество во врска со воспоставувањето на Советот и со тоа дополнително ја поткопала веќе кревката доверба меѓу државните институции и граѓанскиот сектор.

МЦМС лого

Понатаму, тие изјавуваат дека сакаат да ги афирмираат заложбите на граѓанските организации во контекст на донесената одлука, но и да ја информираат Владата дека нема да учествуваат во процесот на избор на членови на Советот од редот на граѓанските организации од следните причини:

– процесот на подготовка и усвојување на Одлуката не бил пропратен со соодветни и ефективни консултации со чинителите од граѓанското општество.

– во Советот е предвидена поголема бројност (мнозинска застапеност) на државни институции, наспроти претставниците на граѓанските организации што е спротивно на добрите меѓународни практики.

– предложеното ниво на државни службеници не е во согласност со добрите меѓународни практики каде што членовите во ваквите тела имаат раководни позиции и одлучувачки надлежности кои ќе обезбедат спроведување на предлозите на Советот во насока на унапредување на политиките за развој на граѓанското општество.

– предвидената постапка и начинот на спроведување на изборот на членовите на Советот од редот на граѓанските организации, а земајќи ги предвид кусите временски рокови и непрецизираните технички детали без обезбеден механизам за надгледување на процесот од страна на самите граѓански организации, го доведуваат во прашање фер изборот на членовите на Советот, и

– тековното целокупно општествено-политичко опкружување е изразено неповолно за формирање тело со ваков карактер и значење и предлагаме негово воспоставување во стабилна политичка ситуација.

На крај, тие наведуваат дека се надеваат дека Владата на Република Македонија сериозно ќе ги земе предвид нивните укажувања, а во спротивно остануваат на одлуката дека нема да учествуваат во процесот за избор на претставници од граѓанското општество.

Формирање на Совет за соработка помеѓу Владата на РМ и граѓанскиот сектор