/ Прочитано:

1.128

РИСТОВСКИ: Законите за реформи во судството усогласени со забелешките на опозицијата

Владата го разгледа и го утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија.

„Потребата за ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди, како и внесување мерливи квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судовите, е целта на измените и дополнувањата на законите за судовите и за Судскиот совет, што ги усвои Владата на вчерашната седница и кои ќе бидат пуштени во собраниска процедура“, истакна на денешната прес-конференција заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, нагласувајќи дека законите биле усвоени во соработка со ВМРО-ДПМНЕ, чии забелешки биле прифатени и вградени во предложените решенија.

„Остана уште една пообемна измена што треба да се донесе во јуни или јули годинава, а се однесува на депрофесионализација на Судскиот совет според препораките на Прибе и Венецијанската комисија. И на нив ќе се работи во соработка со опозицијата. Се размислува во насока избраните судии кои ќе бидат членови на Судскиот совет да продолжат да судат во судовите во кои суделе дотогаш, а функцијата во Советот да ја извршуваат дополнително. Нормата за предмети кои мора да ги пресудат ќе им биде намалена“, рече Ристовски, додавајќи дека ова решение се наметнало поради фактот што функцијата во Судскиот совет е на шест години, со можност за продолжување за уште шест, што би значело преголемо оддалечување на судиите од работата што ја извршувале и што ќе треба да ја извршуваат во иднина.

Од Владата посочија дека при подготовката на законските решенија се внимавало на целосна избалансираност на критериумите во системот на оценувањето. Со измените се интервенира и во однос на одредбите за член на Судскиот совет со право на глас, рангирање на кандидати за избор на судии во повисок суд, се зајакнува одговорноста во работата на Советот и слично.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите произлегува од потребата за реформа на судството во Република Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот систем, стратегиската цел на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.

М.В