/ Прочитано:

1.112

Се подготвуваат измени на Царинскиот закон во делот на овластените економски оператори

Министерството за финансии подготвува измени на Царинскиот закон. Предложените измени и дополнувања, велат од Министерството за финансии, имаат за цел усогласување на одредбите за овластените економски оператори со регулативата на ЕУ.

Со Царинскиот закон се уредуваат правата и обврските на лицата и царинските органи во врска со стоката во патничкиот и стоковиот промет меѓу царинското подрачје на Република Македонија и странските царински подрачја.

Царинскиот орган е единствен надлежен орган за спроведување на одредбите на Царинскиот закон. Според Законот, царински орган е организациона единица на Царинската управа утврдена со закон, која е надлежна за примена на царинските или другите прописи каде што може да се извршуваат сите или некои од пропишаните формалности.

Царинскиот орган, во согласност со законски утврдените критериуми, а кога е потребно и по претходно извршени консултации со други надлежни органи на државната управа од областа на безбедноста и финансиите, одобрува статус „овластен економски оператор“ за секој економски оператор регистриран во царинското подрачје на Република Македонија.

Статусот „овластен економски оператор“ се признава од страна на царинските органи на Република Македонија и се одобрува ако економскиот оператор ги исполнува следните критериуми:

– ги почитува барањата на царинските органи за спроведување на царинските формалности и соодветно постапува во согласност со нив,

– поседува ефикасен систем на управување со деловната евиденција, а кога е потребно и со транспортната евиденција, коj овозможува спроведување на соодветни царински  контроли,

– e солвентeн, кога тоа е неопходно поради видот на одобрението и

– применува соодветни безбедносни и сигурносни стандарди, кога е тоа неопходно поради видот на барањето.

М.В