Се подготвуваат измени на Законoт за ветеринарно-медицински препарати
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека е во тек подготовката на измените на Законoт за ветеринарно-медицински препарати. Целите на предлог-регулативата се да се олесни постапката на одобрување за ставање во промет на ветеринарно-медицински препарати за да се овозможи континуирано снабдување на пазарот со ветеринарно-медицински препарати, потоа унапредување на системот за нивна рационална употреба, како и соодветно огласување, информирање, рекламирање и промовирање на ветеринарно-медицинските препарати.
„Во постојниот Закон за ветеринарно-медицински препарати, кој во основа ги содржи барањата на европското законодавство од предметната област, потребно е да се воведат промени во делот на олеснување на постапката за одобрување за ставање во промет на ветеринарно-медицински препарати во Република Македонија кои се веќе одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), како и прифаќање на одобрувањето на ветеринарно-медицински препарати кои се веќе одобрени во земјите членки на Европската Унија. Исто така, потребно е дополнително уредување на начинот на огласување, информирање, рекламирање и промовирање на ветеринарно-медицинските препарати со цел да се избегне доведувањето во заблуда на стручната и општата јавност и промоција на рационалната фармакотерапија“, се посочува во образложението.
M.В