/Прочитано:

967

Се воведуваат нови глоби во врска со фискалните сметки

Владата на РМ ги поднесе во Собранието на РМ измените и дополнувањата на  Законот за регистрирање на готовински плаќања. Законските измени и дополнувања, се вели во предложеното законско решение, се во функција на намалување на фискалната евазија, односно несоодветно користење на фискалниот систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања во поглед на преобемно издавање на сторни сметки и нерегистрирање на остварениот промет. Законот чие донесување се предлага се заснова на истите начела врз кои се заснова законот чие изменување и дополнување се предлага.

Со измените и дополнувањата на Законот за регистрирање на готовински плаќања се пропишува законска обврска за приложување на фискалната сметка кон сметката која се сторнира. Ваквата обврска досега беше уредена со подзаконски акт и не секогаш беше почитувана од даночните обврзници поради што се предлага дополнување на законот со ваква одредба, како и глоба за санкционирање на непочитувањето на пропишаната обврска.

Притоа, со измените се пропишува обврска за даночниот обврзник при издавање на секоја фискална сметка преку фискалниот систем на опрема точно да ги внесе податоците во фискалната сметка за опис и количина на прометот на доброто, односно услугата, како и задолжителниот опис на плаќањата или делумните плаќања (во готово или со платежна картичка). Исто така, измените имаат за цел доуредување на законот во однос на издавањето на сторни сметки кај вршителите на промет на храна и пијалаци за консумирање во рамки на објектот на давателот на услугата и обложувалниците.

Со цел намалување на фискалната евазија на даночните обврзници, во однос на досегашното законско решение за уредување на начинот на вршење на контрола над спроведувањето и примената на одредбите од овој закон и постапувањето во случаите на констатирана незаконитост, со измените се пропишува дека при повторување на прекршоците од страна на даночните обврзници ќе се донесе забрана за вршење на дејност во деловната просторија во определен временски рок. Исто така, се пропишува можност при вршење на контрола од страна на даночните инспектори и контролори, налогот за контрола, покрај непосредно пред започнувањето на контролата, а во случај кога е непознат идентитетот на даночниот обврзник, истиот да се доставува на почетокот на контролата или најдоцна до завршувањето на контролата во случај кога со непосредно предавање на налогот за контрола би се спречила или попречила контролата.

Дополнително, заради зголемување на дисциплината на даночните обврзници се дополнуваат глобите, а се врши и доуредување на глобите во законот за да нема дуплирање на глобите кај трговците поединци и се прецизира дека глобите кои се пропишани за физички лица во законот се однесуваат на физичките лица кои вршат самостојна дејност“, се вели во образложението.

Воедно, се додава во образложението, ќе бидат воведени глоби за: даночните обврзници кои во фискалната сметка неточно ќе го искажат задолжителниот опис на плаќањата, односно дали плаќањето било извршено со готовина или пак со платежна картичка; неприложување на фискална сметка кон сметката која се сторнира и даночните обврзници кои издаваат сметка за сторна трансакција при вршење на промет на храна и пијалаци за консумирање во објектот на давателот на услугата и приредување на игри на среќа во обложувалници кои го надминуваат зададеното временско ограничување од 15 минути од издавањето на фискалната сметка.

Се воведува законска обврска за приложување на фискалната сметка кон сметката која се сторнира

М.В

 

Погледнете и ..