Што претставува кризната состојба
„Кризна состојба” е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција и/или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси, се пропишува во Законот за управување со кризи.
Кризна состојба се прогласува заради справување со кризна состојба која претставува ризик по добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или опасност по безбедноста на Републиката или на нејзин дел.
Сериозноста на ризикот треба да биде од таква природа на зафатеност на подрачјето или добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или опасност по безбедноста на Републиката или на дел од неа, за која не постојат услови за прогласување на воена или вонредна состојба.
Владата донесува одлука за постоење на кризна состојба, го определува подрачјето зафатено со кризна состојба и соодветно на тоа ги активира механизмите за разрешување на кризната состојба. За донесената одлука Владата веднаш ги известува Собранието и претседателот на Република Македонија.
Владата за активностите поврзани со одлуката во рок од 48 часа усно, а еднаш неделно писмено ги известува Собранието и претседателот.
Владата најдоцна за 30 дена по завршувањето на активностите утврдени со одлуката изготвува и доставува писмен извештај до Собранието и до претседателот.
Одлуката за постоење на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена.
Владата, се пропишува понатаму во Законот, донесува одлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба.
Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон.
По предлог на Владата, за учество на дел од Армијата во справувањето со кризна состојба одлучува претседателот. Силите за заштита и спасување формирани во согласност со Законот за заштита и спасување во кризна состојба учествуваат во отстранување на последиците од истата.
Повеќе за разликите помеѓу кризна и вонредна состојба на следниот линк: Кои се разликите помеѓу вонредна и кризна состојба
Владата прогласи кризна состојба во траење од 30 дена заради зголемената појава на пожари
Разлики во прогласување вонредна и кризна состојба
Уставните одредби за вонредната состојба
М.В