/ Прочитано:

1.079

СЛУЧАЈ „ДИВА НАСЕЛБА“: Под силно полициско обезбедување започнува единствениот процес

Судот пред две недели предметот „Молња“ за обвинетите за логистика на кумановската група од Дива Населба го спои со предметот „Дива Населба“.

Судење Дива Населба, надвор

Силно полициско обезбедување го регулира сообраќајот, а хеликоптери го надлетуваат просторот околу комплексот судски згради каде што во големата сала на Врховниот суд треба да започне процесот за осомничените за случувањата од 9 и 10 мај минатата година во кумановската Дива Населба и нивните помагачи.

Судот пред две недели предметот „Молња“ за обвинетите за логистика на кумановската група од Дива Населба го спои со предметот „Дива Населба“.

По спојувањето на двата предмети, Кривичниот суд не можеше да најде соодветна просторија каде што ќе бидат исполнети сите услови за одржување на судењето. Преку барање упатено до Министерството за правда, а со одлука на Владата беше одредено судењето да се одвива во големата сала на Врховниот суд која претходно претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, не сакаше да ја отстапи поради безбедносни причини.

Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394 – а и тероризам од членот 394 -б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.

Во предметот „Молња“, пак, обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.

Како што истакна застапникот на обвинението од Обвинителството за организиран криминал и корупција Наум Пановски, организаторите на кумановската група регрутирале лица од локалното население кои ќе им дадат логистичка поддршка.