/Прочитано:

3.067

Собранието на Република Македонија ја изгласа новата Влада

За новиот владин состав гласаа 62 пратеници, 44 беа против, а пет беа воздржани. Владиниот кабинет е предводен од премиерот Зоран Заев и брои 25 министри. Премиерот Зоран Заев ги најави и новите реформи на кои ќе работат министрите од овој состав на Владата. „Следуваат судски реформи, реформа на парламентот, на тајните служби, на медиумите, на институциите, се надевам дека ќе бидам доволно флексибилен и со разбирање за идната опозиција, затоа што Македонија има потреба од сплотеност, единство и заедничко дејствување, за да испорачаме добар квалитет по еден брз реформски процес“, порача Заев во своето обраќање.

Парламентарното мнозинство доцна синоќа изгласа доверба на новата Влада на Република Македонија. За новиот владин состав гласаа 62 пратеници, 44 беа против, а пет беа воздржани. Владиниот кабинет е предводен од премиерот Зоран Заев и брои 25 министри. 

Во својата прва изјава како премиер, Заев истакна дека е убеден оти сите заедно ќе соработуваат за интересите на сите граѓани.

„Убеден сум дека сите заедно ќе соработуваме за интересите на сите граѓани. Имам потреба за поддршка од опозицијата, заради реформи во полза на сите граѓани“, рече Зоран Заев во својата прва изјава како премиер.

Непосредно пред гласањето, Заев даде отчет за програмата за работата на Владата, нагласувајќи дека ќе работи во насока на сплотување, што впрочем, како што истакна, ќе биде императив на новиот владин состав. За прашањето за името најави дека за ова одлучувачки збор ќе имаат граѓаните на референдум.

Заев истакна дека во однос на ова исклучително важно прашање за Македонија, ќе се водат и разговори со опозицијата, со цел да се постигне консензус, а изрази и надеж за помош од меѓународната заедница.  

„Јас сум Македонец и ме боли исто како вас македонштината, а верувам дека е така и кај сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност“, рече Заев.

Тој од собраниската говорница ги најави и новите реформи на кои ќе работат министрите од овој состав на Владата.

„Следуваат судски реформи, реформа на парламентот, на тајните служби, на медиумите, на институциите, се надевам дека ќе бидам доволно флексибилен и со разбирање за идната опозиција, затоа што Македонија има потреба од сплотеност, единство и заедничко дејствување, за да испорачаме добар квалитет по еден брз реформски процес“, порача Заев во своето обраќање.

Заев нагласи дека од страна на Специјалното јавно обвинителство е известен дека досега нема поведена истражна постапка или дека е подигнат обвинителен акт за некој од 25-те министри, вклучувајќи го и него. Одговорот што тој го добил од СЈО му го доставил на претседателот на Собранието, Талат Џафери со цел да им го подели на пратениците, истакнувајќи притоа дека законот ќе важи за сите.

„Секој ќе си одговара ако има докази“, истакна тој. „Сакам да знаат сите овде пред јавноста, ако некој се дрзне да интервенира врз обвинител или врз судија, подобро сам да си даде оставка, а ако не го стори тоа, јас ќе дадам предлог за негово разрешување. Правната држава ќе се врати со личен пример и со политичка волја“, истакна Заев.

Во фокусот на Владата, како што беше нагласено во експозето на премиерот Заев пред почетокот на собраниската седница за избор на Влада, ќе бидат, пред сè, развојот на економијата и стандардот на граѓаните, при што Заев најави просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата  на 16.000 денари и до 30.000 денари на просечната плата.

Пред гласањето доверба на новата влада, од законодавниот дом се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој истакна дека со коалицијата „За подобра Македонија“ имаат направено огромен број реформи и дека досега немало влада во Македонија со поголем учинок.

„Повикот за предвремени парламентарни избори останува отворен. Покажавме што е одговорна власт, што е власт која се грижи за народот, која ги исполнува дадените ветувања, која отвора нови работни места, која прави реформи и напредок. Уште еднаш ќе покажеме и што е одговорна, но и силна опозиција, која брзо, со поддршка на народот ќе се врати на власт и ќе го преземе водството на водење на земјата напред и создавање подобри услови за живот“, рече Груевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција поради нивното барање за фер решение на спорот за името кое подоцна било цел на т.н. „операција на надворешни центри“.

„Тоа не го добивме и како резултат на тоа, сè уште не ја добивме заслужената покана за членство во НАТО и преговорите за влез во ЕУ, кои беа и ќе останат стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ. Од новото мнозинство очигледно се очекува поинаков пристап по ова прашање. Времето ќе покаже кој бил во право“, истакна Груевски. 

По гласањето на Владата, новите министри дадоа свечени изјави. Новиот владин кабинет го сочинуваат: Радмила Шекеринска – министер за одбрана, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски – министер за финансии, Никола Димитров – министер за надворешни работи, Рената Тренеска- Десковска – министер за образование и наука, Горан Сугаревски – министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Мила Царовска – министер за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – министер за информатичко општество и администрација, Садула Дураку – министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши- министер за економија, Билен Салиу – министер за правда, Сухејл Фазлиу -министер за локална самоуправа, Арбен Таравари – министер за здравство и Роберт Алаѓозовски – министер за култура.

Кочо Анѓушев е избран за министер без ресор, кој, како што е најавено, ќе биде вицепремиер за економски прашања. Бујар Османи, исто така, е избран за министер без ресор, но ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, како и Хазби Лика, кој според најавите ќе биде вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците. 

За министри без ресор се избрани и: Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

А. Б.