/ Прочитано:

1.229

Соработка помеѓу осигурителните компании и институциите за развој на сообраќајната култура кај возачите

Во Стопанската комора на Македонија се одржа работна средба на компаниите членки на Здружението на осигурување при Стопанската комора на Македонија и г-ѓа Лилјана Шеќеринска, виш специјалист за транспорт при Светската банка во Република Македонија.

Пред присутните Шеќеринска ги презентира целите на Светската банка за зголемување на безбедноста на патиштата во Република Македонија и токму во таа насока беше презентирана иницијативата за изработка на структура за управување со безбедноста на патиштата во Македонија која ќе биде во согласност со најдобрите практики за воведување систем за безбедност.

„Целта на таквиот систем е да обезбеди систематски, мултисекторски и резултатски ориентиран пристап насочен кон безбедноста на патиштата, кој ќе помогне да се повратат негативните трендови во безбедноста на патиштата, а со цел намалување на бројот на жртви во сообраќајните незгоди до 2020 година до просечниот број на жртви во европските земји“, нагласи Шеќеринска.

Од страна на претставниците на осигурителниот сектор беше презентирана ситуацијата на пазарот алудирајќи на фактот дека и досегашните инвестиции во инфраструктурата не придонеле бројот на незгоди и на жртви да биде намален.

Весна Ѓорчева, потпретседател на Здружението на осигурување при Стопанската комора на Македонија, истакна дека соработката со релевантните институции е од особена важност за да се придонесе за подигање на свеста на сите учесници во сообраќајот преку кампањи од едукативно-информативен карактер, земајќи ги предвид фактите дека младите возачи се најмногу застапени во сообраќајните прекршоци и користењето на мобилните телефони како главен чинител во многу сообраќајни незгоди. Исто така, беше нагласено дека како во рамки на Здружението на осигурување, така и индивидуално од страна на осигурителните компании се превземаат и поддржуваат активности кои имаат едукативен карактер.

Од Здружението беше презентирано дека на годишно ниво од неосигураните и нерегистрирани возила настанува штета од 2 милиони евра, истата паѓа на товар на осигурителните компании и оттука се бара поголема вклученост на сите чинители со цел унапредување на интегрираниот централен систем и поголема ажурност на податоците.

На состанокот се заклучи дека е потребно постојано унапредување на соработката, како помеѓу осигурителните компании, така и со релевантните министерства за да се развие сообраќајната култура кај возачите, а со тоа би се обезбедило приближување до европските параметри за безбедност при сообраќајот.

M.В