Соработката меѓу ДЗР, Собранието, медиумите и граѓанското општество може да придонесе за поголема отчетност на трошењето на јавните пари
Извештаите што ги прави Државниот завод за ревизија треба да бидат под надзор на Собранието на Република Македонија. За жал, во законодавниот дом сѐ уште не се отвора дискусија за извештаите на ДЗР. Единствена можност кога Собранието и Владата посветуваат некакво внимание на ревизијата е парламентарната расправа за годишните извештаи за работата на Државниот завод за ревизија, но не и за извештаите за ревидираните субјекти, односно институции. Она што недостасува и што е практика на земјите во светот и во регионот е овие извештаи да се разгледуваат и во законодавниот дом зашто, да не заборавиме, покрај трите главни улоги на законодавниот дом – претставничката и законодавната е и надзорната улога.
Државниот завод за ревизија успешно истражува и оценува каде се трошат јавните пари, но недостасува спроведување на препораките што ги дава оваа институција до другите надлежни институции.
Ова е генералната оценка на Фондацијата за демократија на Канцеларијата на Вестминистер во Македонија, а според Демир Незири, програмскиот директор на оваа Фондација, и покрај интензивните активности и напори од страна на ДЗР, ниту еден овластен државен орган не посветува потребно внимание на доставените ревизорски извештаи.
„Извештаите што ги прави Државниот завод за ревизија треба да бидат под надзор на Собранието на Република Македонија. За жал, во законодавниот дом сѐ уште не се отвора дискусија за извештаите на ДЗР. Единствена можност кога Собранието и Владата посветуваат некакво внимание на ревизијата е парламентарната расправа за годишните извештаи за работата на Државниот завод за ревизија, но не и за извештаите за ревидираните субјекти, односно институции. Ова е и главната оценка во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата. Она што недостасува и што е практика на земјите во светот и во регионот е овие извештаи да се разгледуваат и во законодавниот дом зашто, да не заборавиме, покрај трите главни улоги на законодавниот дом – претставничката и законодавната е и надзорната улога. Парламентот има клучна и надзорна улога и треба да врши надзор во име на граѓаните. Во оваа насока, Светска банка прави оценување на начинот на прикажување на јавните финансии и тоа со помош на посебен индикатор кој не се занимава со работата на Државниот завод за ревизија туку со надзорната работа на парламентот со овие извештаи. За жал, Македонија е на најниско ниво затоа што Македонија нема стриктна законска рамка која вели дека македонското Собрание има обврска да ги разгледува индивидуалните ревизорски извештаи. Сакаме да работиме во насока на тоа да се разгледаат можности и модалитети за парламентот да почне да ги разгледува извештаите. Она што ги интересира граѓаните е да се отвори дискусија за тоа како се трошат граѓанските пари“, рече Незири.
Од овие причини, граѓаните на Македонија немаат веродостојни информации во однос на трошењето на буџетските пари и работата на јавните институции. За поголем ефект од работата на ДЗР и финансиска отчетност и транспарентност во Македонија е неопходно зајакнување на соработката на оваа институција со Собранието, медиумите и граѓанското општество, како и законски измени, поради што Фондацијата за демократија на Вестминстер, Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии почнаа да го спроведуваат проектот: „Зајакнување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“.
Во наредните 18 месеци, како што истакна Незири, ќе се мери перцепцијата за транспарентност од страна на медиумите, Собранието, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, како и резултатите од работата на ДЗР од аспект на тоа дали нешто е преземено по наодите од ревизорот. Ќе се оценува дали пратениците и Собранието се свесни за моќта и улогата на работата што ја има ДЗР.
Според Центарот за економски анализи, Државниот завод за ревизија има клучна улога кога станува збор за транспарентноста и отчетноста при трошењето на јавните пари од страна на институциите, поради што дава и низа препораки кои се однесуваат и на институциите, но и на јавноста.
„Треба да се усвојат соодветни измени на одредени системски закони и да се одредат правната рамка и обврската на Собранието на РМ да ги разгледува годишните извештаи на одредени корисници на јавни средства, заедно со извештајот од ревизијата, како и обврската да ги разгледува годишните сметки на Буџетот на РМ и наодите на ревизијата во согласност со најдобрите практики во европските земји. На пример, во Холандија, државната ревизија има Ден на отчетноста кога Собранието ги разгледува и расправа за извештајот од извршената ревизија на Буџетот и буџетските корисници. Потребно е и подигнување на свеста кај граѓаните, цивилниот сектор и медиумите за проверка на објавените ревизорски извештаи изготвени за институциите што се поврзани со нивната работа. Исто така, потребно е и подигнување на свеста на пошироката јавност за испраќање на барања за вршење на ревизија. Државниот завод за ревизија со законски измени може да добие и извршна функција, како што покажува практиката во други држави. Во Бугарија, на пример, Државниот завод за ревизија може да издаде сертификат на политичка партија со кој таа може да се легитимира пред Државната изборна комисија, а во Словенија главната ревизорска институција може да влезе во банка и да ги разгледува трансакциските сметки на правните субјекти без судски налог“, истакна Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи.
А. Б.