/ Прочитано:

1.778

Соработката со ЕУ ја поттикнува општествената одговорност кај македонските компании

Во моментов, општествената одговорност кај нас се базира врз доброволен концепт. Компанијата сама одлучува доброволно да направи нешто повеќе од она што е предвидено според законот. „Така, на пример, законот не ги обврзува компаниите да вработуваат самохрани родители или лица со попреченост, но има стопанственици кои одлучуваат да ги вработат, овозможувајќи им на тој начин извор на приходи, како и социјална интеграција“, вели Никица Кусеникова, извршна директорка на граѓанското здружение „Конект“.

Стопанствениците бараат нова стратегија за поттикнување на општествената одговорност. „Претходната е истечена уште пред 5 години и крајно време е надлежните да изготват нова, која на граѓанскиот сектор ќе му овозможи придобивки, а на бизнис заедницата мотивирачки фактори“, вели извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Фатмир Битиќи.

Во моментов, општествената одговорност кај нас се базира врз доброволен концепт. Компанијата сама одлучува доброволно да направи нешто повеќе од она што е предвидено според законот.

„Така, на пример, законот не ги обврзува компаниите да вработуваат самохрани родители или лица со попреченост, но има стопанственици кои одлучуваат да ги вработат, овозможувајќи им на тој начин извор на приходи, како и социјална интеграција“, вели Никица Кусеникова, извршна директорка на граѓанското здружение „Конект“.

Дел од нив вложуваат во образованието, реновираат училишта или стипендираат кадри за потребите на компанијата за понатамошно школување во странство. Иако во сферата на животната средина постојат законски норми, има компании кои прават чекор понатаму, односно воведуваат нови технологии и воспоставуваат системи со кои загадувањето се сведува на најниско можно ниво.

Општествената одговорност во моментов е единствено регулирана со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, со кој претпријатијата за својата помош во вид на донации и спонзорства имаат одредени даночни поттикнувања кај персоналниот данок на доход, данокот на добивката, данокот на додадена вредност и данокот на имот.

За правните лица, особено е важно ослободување од данокот на добивка. Донациите во текот на годината ќе се признаат како расход и на нив нема да се плати 10% данок доколку се користи Законот за донации и спонзорства. Прагот за ова е 3% кога станува збор за спонзорства и 5% од годишниот приход на фирмата кога станува збор за дадени донации.

Постојат олеснувања поврзани со ДДВ-то, кога одредена фирма ќе донира одредени услуги. Тоа може да го стори без да ѝ биде наплатено ДДВ. Дополнително е важно за примателите ако, на пример, одредена граѓанска организација примила финансиска донација, сè што купува во тој износ, купува без ДДВ, со што се зголемува вредноста на донацијата. ДДВ не се наплаќа на влезници за донаторски настани и за СМС-донации. Кога станува збор за донации во материјални добра, донаторот кој е давател е ослободен од данокот на подарок и данокот на наследство. Исто така, во наредните 5 години е ослободен да плаќа данок на имот. Општествено одговорните компании немаат други бенефити. Оттука, голем број од стопанствениците бараат мотивирачки фактори по примерот на оние во земјите од Европската Унија. Како најкарактеристичен пример ја посочуваат тамошната регулатива во однос на јавните набавки. Меѓу другите, задолжително се наведуваат и социјалните и еколошките критериуми. Компаниите кои се општествено одговорни (вложуваат во животната средина, образованието, социјалата) добиваат повеќе поени и автоматски стануваат поконкурентни.

Според Кусеникова, земјите од ЕУ не застануваат тука. Од минатата година, компаниите од Унијата имаат обврска да објавуваат извештаи за сработеното во однос на општествената одговорност. Оние што тоа не го сториле се задолжени да ги наведат причините, како и идните планови на ова поле.

„Голем дел од нашите компании работат со фирми од ЕУ. Тие преку договори  ги обврзуваат своите бизнис партнери од Македонија да бидат општествено одговорни“, вели Кусеникова.

Според неа, овие македонски компании ќе бидат во предност пред другите, бидејќи ќе бидат подготвени штом ќе дојде до измена на регулативата во оваа сфера. Практиката покажува дека стопанствениците најмногу донираат во локалната заедница каде што живеат и го водат бизнисот.

„Има растечки тренд кај нашите компании да бидат општествено одговорни. Не дека претходно не биле, но веројатно разбирањето за овој концепт било сосема различно. Луѓето давале, ама не сакале да зборуваат за ова“, вели Диме Петковски, стопанственик од Прилеп.

Според него, надминати се многу предрасуди, меѓу кои и оние дека граѓанскиот сектор недоволно транспарентно ги троши парите од донациите на бизнис секторот.

Во секторот за поттикнување на општествената одговорност, при Министерството за економија посочуваат дека не располагаат со мерливи квантитативни податоци за тоа колку од македонските претпријатија се општествено одговорни. „Општествената одговорност е мошне тешко да се измери. Од тие причини, не говориме за општествено одговорни претпријатија, туку за општествено одговорни практики кои претпријатијата ги реализираат во одредени области на своето дејствување (однос спрема вработените, етичко управување, односи на пазарот спрема добавувачите, купувачите и потрошувачите, однос спрема животната средина и вложување во заедницата)“, велат во овој сектор.   

Според нив, повеќе од јасно е дека се потребни понатамошни чекори за поттикнување на општествената одговорност. Посочуваат дека  Министерството за економија со Министерството за финансии, кое е надлежно во оваа област, во неколку наврати ја разгледувале можноста да се воведат финансиски и нефинансиски поттикнувачки мерки за општествена одговорност. 

Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности предвидува прекршочни одредби во следниве случаи: глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на правното лице, примателот на донацијата ако не склучи договор во писмена форма, ако не изготви извештај за дадената и за добиената донација и спонзорство, ако не ги користи во согласност со договорот и глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршок од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.

А. Б.