/ Прочитано:

1.395

СПОГОДБА: Граѓаните што работат во приватниот сектор, а се од подрачјата кои се најпогодени од поплавите, седум дена се ослободуваат од работа

„Работодавачот може на работникот кој работи во правните субјекти односно живее во подрачјата погодени од временските или елементарни непогоди да одобри и поголем број на слободни денови за периодот кој е опфатен согласно Одлуката за прогласување на вонредна или кризна состојба поради елементарни или друг вид на непогоди, донесена од страна на Владата на Република Македонија или друг надлежен Орган или Институција.“

Помош за настраданите од поплавите/Фото: АРМ

По прогласувањето на кризна состојба во подрачјата што се најпогодени од поплавите што го зафатија Скопскиот и Тетовскиот Регион, Владата склучи Спогодба со Сојузот на синдикатите на Македонија и со Организацијата на работодавачи на Македонија, со која граѓаните вработени во приватниот сектор, кои живеат во деловите што се најзагрозените од поплавите, да бидат ослободени од работа до седум дена.

Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството наместо досегашните 3 дена, предвидува ослободување од работа во рок од 7 дена.

Покрај тоа, се додава и нов став во членот 42, кој гласи:

„Во случај на прогласување на вонредна состојба или кризна состојба поради елементарни или друг вид на непогоди прогласени со Одлука на Владата на Република Македонија или друг надлежен Орган или Институција, работодавачот може на работникот кој работи во правните субјекти односно живее во подрачјата погодени од временските или елементарни непогоди да одобри и поголем број на слободни денови за периодот кој е опфатен согласно Одлуката за прогласување на вонредна или кризна состојба поради елементарни или друг вид на непогоди, донесена од страна на Владата на Република Македонија или друг надлежен Орган или Институција.“

Постоењето на кризната состојба трае 15 дена од денот на нејзиното влегување во сила, односно од 7 август 2016 година.

Спогодбата е постигната врз основа на членот 204 став 1 точка 1 и членот 216 од Законот за работните односи (пречистен текст „Службен весник на Република Македонија“ бр. 167 од 28.9.2015 година) и членот 64 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (пречистен текст „Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2014) и Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството („Службен весник на Република Македонија“ бр. 119). Таа е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2016 и веќе е во сила.