/Прочитано:

301

Судската власт поактивно да учествува во креирањето на законите за судството, нагласува Судскиот совет

Годишниот извештај за работата на Судскиот совет е пред пратениците. Судството, како една од трите власти во Република Северна Македонија, има потреба од зголемување на независноста во располагање на средства од судскиот буџет, во чии рамки особено значајна е работата на Судскиот буџетски совет (СБС), се вели во извештајот.

Во наредниот период се очекува да се обезбеди задоволително ниво на судскиот буџет за непречено извршување на функциите на институциите на судската власт во Република Северна Македонија, во согласност со одредбите од Законот за судскиот буџетски совет.

„Се наметнува и потребата од поактивно учество на претставници од судската власт во креирање на законските прописи кои се применуваат во судството.

Во следниот период се очекува да се унапреди соработката на институциите на судската власт со другите чинители во општеството и со сродните институции во земјите на регионот и пошироко, како и да се обезбеди функционалност на Одделението за статистика и аналитика на судовите со пополнување на работните места во согласност со Правилникот за систематизација на работните места во Судскиот совет“, посочуваат од Судскиот совет.

Судскиот совет истакнува дека е потребно иницирање на постапка за донесување на посебен закон за вработените во судската власт, со кој ќе се регулираат статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос, вклучувајќи ги вработените во Советот, Академијата за судии и јавни обвинители, како и помошно-техничкиот персонал.

„Потребата од донесувањето на ваков закон произлегува од поделбата на власта, која е регулирана со Уставот на Република Северна Македонија: во посебна глава Судство е наведено дека судската власт ја вршат судовите. Во истата глава, во членот 104 од Уставот на РСМ е регулиран составот и мандатот на членовите и надлежноста на Судскиот совет на РСМ“, образложуваат од Советот.

М.В