/ Прочитано:

2.176

Судскиот совет под итно да донесе одлука и протокол за отпочнување со работа на судовите во државата, апелира адвокатот Ќатоски

Судскиот совет на Република Северна Македонија на 340. седница одржана на 27 и 28 мај 2020 година донесе Одлука за изменување и дополнување  на Одлуката за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19. Со оваа одлука се прави измена и дополнување на Одлуката бр. 02-606/1 од 17.3.2020 година и на Одлуката бр. 02-606/2 од 7.5.2020 година.

Во согласност со последнодонесената одлука на Судскиот совет, „по предметите кои не се итни судовите во Република Северна Македонија постапуваат согласно мерките, одлуките и протоколите на надлежните органи за спречување и ширење на вирусот КОВИД-19.“

Ваквата одлука практично остава можност секој суд поединечно да одлучува кога и на каков начин ќе продолжи со закажаните расправи по судските предмети кои не се итни. Тоа практично би значело дел од судовите во државата да постапуваат по судски предмети кои не се итни, друг дел да не постапуваат, а и ситуации во кои во склоп на еден суд во државата дел од судиите ќе постапуваат, а дел не. Ваквиот став на Судскиот совет во однос на закажаните расправи по предмети кои не се итни е несериозен, недоречен, создава правна несигурност кај странките во постапката и е неспроведлив во пракса.

Во ситуација кога се донесени протоколи за влегување во кафе-барови, ресторани, маркети, продавници и органи на локална самоуправа и други органи со јавни овластувања, тогаш не гледам причина зошто во периодот кој следува не би можело да се продолжи со одржување на судски расправи пред судовите во државата.

Поради сето погоре наведено:

Апелирам Судскиот совет под итно да донесе одлука со која ќе објави фиксен датум за отпочнување со одржување на сите закажани расправи, кој ќе важи за сите судови во Република Северна Македонија.

Апелирам Судскиот совет под итно да донесе одлука со која ќе го објави протоколот за начинот на одржување на закажаните расправи во контекст на мерки за превенција и заштита на судиите, судската служба, странките и другите учесници во постапката од коронавирусот.

*Ставовите изразени во рубриката „Стручни мислења и коментари“ се ставови на авторите и не ги изразуваат ставовите на Академик.мк