ТРИБИНА НА „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ: Образованието е срцето на развојот, велат професорите
Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ се одржа предавање на тема „Финансирање на високото образование“.
За оваа мошне актуелна тема во светло на подготовката на законските решенија за високото образование говореше познатиот странски експерт за високото образование, Џамил Салми, кој како експерт учествува во процесот на подготовка на новиот Закон за високото образование.
На почетокот на денешниот настан, деканот на Правниот факултет, проф. д-р Горан Коевски, пред присутните универзитетски професори и студенти истакна дека од големо значење е што во процесот на подготовка на решенијата за високото образование се користат релевантните светски искуства. Според деканот на најстариот правен факултет во земјава, на високообразовниот простор треба да му се врати екстерната и интерната автономија, а универзитетот и факултетите да не бидат соочени со практиката Законот за високото образование да се впушта во уредување прашања кои, сами по себе, би требало да се во изворна надлежност на високообразовните установи.
Високото образование е срцето на развојот на една држава, подвлече на почетокот на своето предавање експертот Џамил Салми. Тоа, додаде експертот, особено се однесува на земјите што немаат природни ресурси и за кои најбогатиот ресурс, всушност, се високото образование и едукацијата на младите.
„Таков беше примерот со Јужна Кореја, која и покрај тоа што нема ресурси како некои други земји, особено се разви на економски план затоа што голем акцент стави на високото образование и примената на знаењето и технологијата. Но, еве да го земеме и примерот со Норвешка, која е богата со природни ресурси, богата со нафта. Таму исто така беше нагласено дека најдобриот ресурс за развој е образованието. Образованието, се велеше во Норвешка, е нафтата на иднината“, нагласи Салми.
Во таа насока, експертот за високото образование посочи дека квалитетот на високото образование во голема мера зависи од односот на државата спрема високото образование и универзитетот, особено во поглед на неговото финансирање. Од финансирањето во високото образование, пак, додаде Салми, зависат квалитетот на образованието, автономијата и функционалноста на универзитетите, истражувањата и работата на проекти.
„Треба секогаш да се има предвид дека Универзитетот ѝ помага на економијата, му помага на општеството. Во таа смисла, финансирањето на високото образование подразбира и влог и бенефиција за економијата. Квалитетот на образованието е суштински за развојот на земјата и општеството, но треба да се знае дека квалитетот има висока цена. За да се подобри високото образование во Македонија, јасно е дека се потребни повеќе финансии“, истакна Салми.
„Јас и кога дојдов во Македонија“, додаде Салми, „и кога имав средба во Министерството за образование, реков дека се работи за сериозен процес за кој се потребни посветеност и волја. Реков“, нагласи Салми, „дека не сум магионичар кој може веднаш да ги реши проблемите.“
„Клучно е да постои волја за подобрување на состојбите. Клучно е да има волја кај Владата на Република Македонија, кај претседателот на Владата и кај министерот за финансии. Се разбира, треба да има и општа волја, каков што беше примерот со Данска каде што реформите во високото образование беа поставени како национален приоритет. Оттука, на универзитетот и на високото образование мора да му се обезбедат повеќе финансии. На Универзитетот мора да му се дадат повеќе слобода и управување со ресурсите“, образложи Салми, кој посочи и дека на универзитетите студентите мора да бидат третирани еднакво и не е праведно студентите да плаќаат различни партиципации.
Ваквите проблеми, додаде експертот за високото образование, треба да се надминат со нови решенија и со поправеден пристап кон студентите, што е еден од модалитетите кои треба да се применат во новиот начин на финансирање на универзитетите.
Билјана Ангелова, проректор за финансии на УКИМ, надоврзувајќи се на предавањето на експертот Салми, нагласи дека пронаоѓањето нов модалитет на финансирањето на високото образование е потребно, за што говори и фактот дека Универзитетот низ годините се соочувал со низа проблеми во поглед на финансирањето.
Проф. д-р Александра Максимовска рече дека за финансирањето на високото образование треба да бидат ползувани експертските искуства, но и дека треба да се искористат компаративните примери од соседството. Министерството за образование и наука, нагласи професорката, треба да има стратегија за високото образование и да даде силна поддршка на реформите кои не може да се остварат со кратење на буџетот за високото образование.
Присутните професори и студенти на денешното предавање констатираа дека сега, како што нагласија, е вистинскиот момент да се изнајдат квалитетни и функционални решенија за високото образование, а со тоа и за финансирањето на високото образование како нужен предуслов за реформите.
„Кога се говори за реформи, треба да се знае дека еден од најважните моменти е јавната свест, односно свеста за она што значи високото образование. Или ќе се почитуваат професорите или нема да се почитуваат. Или ќе се раководиме според критериуми и мерки за квалитет или само по политички одлуки кои очигледно дека на Балканот се пренагласени, па дури и во доменот на образованието“, беше истакнато на денешниот настан.
Работната група во МОН го подготвува новиот Закон за високото образование
М.В