/ Прочитано:

2.208

Тројца нови јавни обвинители во Републичкото обвинителство

Со новата систематизација Јавното обвинителство на Република Македонија ќе брои 15 обвинители, односно еден Јавен обвинител на Јавното обвинителство на Република Македонија и четиринаесет јавни обвинители. Со претходната одлука на Советот од 2008 година бројот на јавни обвинители изнесуваше вкупно дванаесет.

Јавно обвинителство на Република Македонија

Јавното обвинителство на Република Македонија ќе се проширува со тројца нови јавни обвинители. Според Одлуката на Советот на јавни обвинители од октомври 2015 година, ќе се врши проширување на систематизацијата на бројот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија, претходно утврдена со Одлука донесена од страна на Советот на јавните обвинители на ден 1.9.2008 година.

Со новата систематизација Јавното обвинителство на Република Македонија ќе брои 15 обвинители, односно еден Јавен обвинител на Јавното обвинителство на Република Македонија и четиринаесет јавни обвинители. Со претходната одлука на Советот од 2008 година бројот на јавни обвинители изнесуваше вкупно дванаесет.

Како што велат од Советот, потребата за зголемување на бројот на јавни обвинители се јавила поради тоа што еден од обвинителите е шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, неколку јавни обвинители треба да заминат во пензија и поради зголемениот број на предмети по жалба.

За таа цел Советот распиша оглас за избор на тројца јавни обвинители.

„Кандидатите за избор на јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, како посебен услов потребно е, по положувањето на правосудниот испит, да имаат најмалку осум години работно искуство, со потврдени резултати во работата“, се наведува во огласот.

Заинтересираните кандидати треба да ги достават пријавите, заедно со потребната документација во оригинал или фотокопија заверена на нотар, уверението за државјанство и лекарско уверение (двете да не се постари од шест месеци од денот на нивното издавање), доказ за работен стаж, диплома или уверение за завршен Правен факултет и потврда за положен правосуден испит, во оригинал или фотокопија заверена на нотар, до Советот на јавните обвинители на Република Македонија на ул. „ Кеј Димитар Влахов“ бр. 4, V кат, во рок од 15 дена од објавувањето во „Службен весник на РМ“.