/ Прочитано:

5.149

ТУПАНЧЕСКИ: Потребни се радикални реформи кои ќе значат реафирмирање на начелата на владеење на правото

Професорот по казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Никола Тупанчески, вели дека во Република Македонија постои потреба од темелна ревизија на најголемиот дел од законодавната рамка во државата.

Професорот Тупанчески вели дека и една од целите на Охридската школа на природното право е да се дискутира за низа прашања кои се однесуваат на владеењето на правото и потребната реформа на институциите во таа насока. Реформите, нагласува Тупанчески, мора да бидат во насока на почитување на принципите на правната држава и владеењето на правото.

„Во Република Македонија треба да почнат радикални реформи кои ќе значат реафирмирање на начелата на почитување на правната држава, владеење на правото и почитување на основните човекови слободи“, смета проф. д-р Никола Тупанчески кој исто така има свое излагање на Охридската школа на природното право.

Тупанчески пред учесниците на школата ќе се осврне на проблематиката на корупцијата. „Корупцијата фундаментален проблем на правната држава: случај Македонија“ е насловот на предавањето на професорот Тупанчески.

Професорот Никола Тупанчески и претходно нагласуваше дека се неопходни реформи, особено во поглед на материјалното казнено право. Тие реформи треба да бидат во насока на системски измени на казненото материјално законодавство.

Од денешен аспект, посочи професорот Тупанчески во интервјуто за Академик, националното казнено материјално право претставува нуспроизвод, природна последица на прифаќањето на парцијалниот пристап на задоволување на моменталните барања според однапред диктирани теркови, т.е. инаугурирање компаративни решенија без продлабочено испитување на нивната компатибилност со основните постулати врз кои се заснова домашното право.

„Тоа со себе носи повеќе слабости и овозможува повеќекратно продуцирање (фелерични) законски решенија чијшто основен белег се токму нивната неусогласеност и нелогичност. Грубо речено, впечатокот што се добива, како во експертските кругови така и од страна на оние што се директно повикани да го применуваат законот, е дека македонското казнено право продолжува да се развива во нагласена изолација од еден посеопфатен, интегрален пристап. Актуелната композиторна рамка е само сведоштво на не докрај соодветно избраниот модел на реформа: се предлагаат или се усвојуваат (неретко, по итна постапка) нови закони, се воведуваат нови санкции без притоа да подлежат на сериозна научна дебата и темелна компаративна анализа. Сето тоа може да има (а делумно, веќе и има!) далекосежни консеквенции врз системската поставеност на казненото право. Имено, потребни се системски измени на казненото материјално законодавство, така што Република Македонија би добила нов, современ европски Казнен законик, кој ќе овозможи ефективна и ефикасна основа за борба против организираниот криминал и другите неконвенционални форми на криминално дејствување“, истакна професорот Тупанчески.

Охридската школа на природното право на тема: „Демократија и владеење на правото“ е во организација на Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите.

На школата ќе земат учество еминентни домашни и странски професори и стручњаци и студенти од сите универзитети и факултети во државата, како и  дваесет и пет магистранди и пет докторанди на правни и политички студии.

Како главни цели на Охридската школа на природното право се издвојуваат: проширување на знаењата низ заемно истражувачко искуство на студенти на втор и трет циклус на правни студии и нивните професори и ментори, во различни подрачја на правото низ интегралистички пристап, кој ги спојува: универзалните начела и стандарди на човековите права, водечките идеи и вредности на правото, вредностите на демократијата и владеењето на правото и правдата, позитивното право, примената на правото во практиката и правдата што со своите пресуди ја делат судовите во судската практика.

ОХРИДСКА ШКОЛА НА ПРИРОДНОТО ПРАВО: „Демократија и владеење на правото“

М.В