/ Прочитано:

1.276

УЈП свечено го одбележа Денот на даночниците

Во организација на Управата за јавни приходи се одржа свеченост по повод одбележувањето на Денот на даночниците и на даночниот систем во Република Македонија.

Од УЈП велат дека нивната мисија е да обезбедат висок квалитет на услуги за даночните обврзници, поедноставени даночни постапки за навремено и точно исполнување на обврските и праведно и ефикасно собирање на даноците и на другите јавни давачки.

Според претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, плаќањето на даноците и другите обврски значат одговорност кон државата. Станува збор за основната функција на државата преку која се обезбедува нејзиното нормално функционирање. Јавните приходи, додаде Заев, ги овозможуваат јавните услуги.

„Управата за јавни приходи како институција претставува една од најсилните алки на финансискиот систем на Република Македонија. Преку воведување на реформата е-персонален данок Управата за јавни приходи храбро и одлучно ја доближи Република Македонија до стандардите на работа на европските даночни институции. Достигнувањата на УЈП се многубројни. Како што сум информиран, во завршна фаза е моделот за автоматски поврат и пребивање на даноци. Управата навремено и неселективно врши поврат на ДДВ на компаниите, поедноставени се даночните постапките за земјоделците, се врши навремена исплата и на државната поддршка на компаниите за исплата на законски утврдената минимална плата“, рече Заев.

„Без приходите од даноци не може да функционира државата. Не може да се обезбедат средства за образование, за здравство, за социјална заштита, за безбедност, за владеење на правото, не можат да се градат патишта, како и сето останато што го прави државата“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.

„Полн буџет, професионално работење на даночните службеници, партнерски однос со даночните обврзници, борба со сивата економија, модернизација на работните процеси, унапредување на соработката со даночните управи од регионот и пошироко се само неколку приоритети од низата, кои го прават неприкосновен и посебен идентитетот на институцијата УЈП“, рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на одбележувањето на Денот на даночните работници.

М.В