/ Прочитано:

2.671

УКИМ ги одбележува 70-годишниот јубилеј и Денот на светите Кирил и Методиј

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска со повеќе активности ги одбележува 70-годишнината од своето основање и 24 Мај – Денот на сесловенските просветители  свети Кирил и Методиј.

„Ова е голем ден не само за нашиот универзитет туку и за државата затоа што еден од главните столбови и стожери на државата е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. УКИМ е најстар, најдобар и најголем универзитет во Републиката“, истакна ректорот на Универзитетот, Никола Јанкуловски, кој им порача на студентите и на професорскиот кадар да го продолжат епохалното дело на светите браќа Кирил и Методиј.

Во рамките на одбележувањето на патрониот ден и на годишнината, на најдобрите студенти на УКИМ им беа доделени награди и беше промовирана монографијата „Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје 1949 – 2019“.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првиот државен универзитет во Македонија, формиран во 1949 година со три факултети. Денес тој претставува заедница на 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации. Неговата дејност е уредена со Законот за високото образование и со Статутот на Универзитетот.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје постојат студиски програми во сите научни области – природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравствoто, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите. Истражувачката работа, освен на факултетите, се одвива и на научните институти во состав на Универзитетот.

Од своето основање до денес ректори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје биле:

1949/50 – 1953/54    Кирил Миљоски

1953/54 – 1955/56    д-р Марин Каталиниќ

1956/57 – 1957/58    д-р Михаил Петрушевски

1958/59 – 1962/63    Блаже Конески

1963/64 – 1964/65    д-р Ѓорѓи Филиповски

1965/66 – 1966/67    д-р Ксенте Богоев

1967/68 – 1968/69    д-р Благој Попов

1969/70 – 1971/72    д-р Кирил Пенушлиски

1972/73 – 1973/74    д-р Стеван Габер

1974/75 – 1975/76    д-р Димитар Митрев

1976/77 – 1979/80    д-р Бранко Трпеновски

1980/81 – 1981/82    д-р Јован Стојановски

1982/83 – 1983/84    д-р Александар Андреевски

1984/85                      д-р Христо Андонов-Полјански

1985/86 – 1987/88    д-р Тодор Џунов

1988/89 – 1989/90    д-р Јаким Петровски

1990/91 – 1991/92    д-р Драги Данев

1992/93 – 1993/94    д-р Томислав Чокревски

1995/96 – 1997/98    д-р Радмила Кипријанова

1998/99 – 2003/04    д-р Александар Анчевски

2004/05 – 2007/08    д-р Ѓорѓи Мартиновски

2008/09 – 2015/16    д-р Велимир Стојковски

2016/17 –                      д-р Никола Јанкуловски

М.В