/ Прочитано:

1.607

УПОЗ: Штрајкот продолжува. Штрајкувачите ќе лобираат кај пратениците и претседателите на судови за поддршка на барањата

Како што информираат од Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација, поради незаинтересираноста на Министерството за правда за започнување на дијалог и за решавање на нивните проблеми, судската администрација го продолжува штрајкот со ист интензитет во сите судови кои и досега штрајкуваа.

Plakat Strajk 1

Дваесет и шест од вкупно дваесет и девет суда во земјава се изјасниле дека штрајкот на судската администрација треба да продолжи, додека три суда одговориле дека се согласни за штрајк, но тој да биде искажан на поинаков начин од досегашниот.

Како што информираат од Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација, поради незаинтересираноста на Министерството за правда за започнување на дијалог и за решавање на нивните проблеми, судската администрација го продолжува штрајкот со ист интензитет во сите судови кои и досега штрајкуваа.

„Синдикатот на УПОЗ и ЗСА ќе преземат дополнителни напори за решавање на барањето и во наредните денови ќе преземат активности за средби со координаторите на сите пратенички групи застапени во Собранието на Р Македонија преку кои ќе се побара изменување на Законот за судската служба“, велат во соопштението од УПОЗ.

Истовремено Штрајкувачкиот одбор заклучил штрајкувачките одбори во судовите во понеделник, 13.6.2016 година, задолжително од претседателите на судовите да побараат, без одлагање, и тие да се обратат до надлежните судски власти со барање за изнаоѓање решение и прифаќање на предлогот на Синдикатот на УПОЗ и ЗСА. Платите, додатоците на плата, условите за работа и правата од работен однос не се и не треба да бидат интерес само на Синдикатот, туку и на работодавачот“, велат од УПОЗ.

Синдикатот на УПОЗ и ЗСА уште еднаш апелираат до извршната, до законодавната и до судската власт заеднички да седнат на преговори со нив и да не се однесуваат како досега, незаинтересирано, префрлајќи си ја вината едни на други.

„Таквиот пасивен однос прави огромна штета за државата, судството, граѓаните, адвокатите и сите други кои водат судски постапки во судовите“, велат од УПОЗ.

Штрајкот на судската администрација трае речиси еден месец, од 18 мај. Тие најавија дека штрајкот ќе продолжи сè до исполнување на нивните барања, односно до зголемување на додатоците на плата за 35 %.