/ Прочитано:

3.084

УШТЕ ЕДНА СУДСКА ОДЛУКА ВО КОРИСТ НА ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Трансродова жена доби случај пред Управниот суд

Трансродова жена доби случај пред Управниот суд на Република Македонија. Предметот се однесува на промена на податоците во матичната евиденција, односно ознаката за пол и матичниот број, соопштија денеска од коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Како што појаснуваат од коалицијата, промената на податоците во матичната евиденција, односно ознаката за пол и матичниот број е резултат од усвојувањето на тужбеното барање на трансродова жена.

„Постапката којашто ја водеше коалицијата трае од 2014 година, бидејќи Управата за водење на матични книги и Министерството за правда ги одбиваа барањата без основано образложение. Во меѓувреме, трансродовата жена се соочуваше со секојдневни проблеми во остварувањето на своите права. Неусогласеноста на податоците во личната карта со нејзиниот изглед и личното име ја доведуваше во непријатни и понижувачки околности во различни институции, при што постојано беше принудена да објаснува за сопствениот идентитет во присуство на трети и непознати лица. Како, на пример, при посета на лекар, преминување на граница, на шалтер во банка, во јавен транспорт и друго. Трансродовите лица кои сѐ уште не успеале да ги променат своите лични документи секојдневно се соочени со искуства на понижување, срам и страв во сите ситуации кога е потребно да приложат документ за лична идентификација“, истакнуваат од коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Наташа Бошкова, правен советник од коалицијата и адвокатка која го водеше случајот пред Управниот суд

„Ваквата одлука ќе ги охрабри другите трансродови луѓе да поведат постапка за правно признавање на родот. Ја повикувам Управата за водење матични книги веднаш да ја спроведе пресудата и да ја направи промената во матичната евиденција на ова лице. Но исто така од исклучителна важност е Управата да ги усвои тековните и идните барања на трансродовите луѓе, со цел да се избегнат долготрајните процедури и талкањето по правните лавиринти“, вели Наташа Бошкова, правен советник од коалицијата и адвокатка која го водеше случајот пред Управниот суд.

Досега, велат од  коалицијата, до нас се имаат обратено дваесетина трансродови лица, од кои само мал број се охрабриле да отпочнат постапка. Во тек се шест постапки пред институциите и судовите, како и пред Европскиот суд за човекови права. Некои од овие постапки, појаснуваат од коалицијата, се отпочнати уште во 2011 година и сѐ уште не се решени.

Минатата недела, Македонското здружение на млади правници информираше дека Управниот суд на Република Македонија донесе решение со кое утврди промена на пол и ја задолжи Управата за водење на матичните книги при Министерството за правда на РМ да изврши промена во матичната книга  на родени и да го поништи сегашниот матичен број.

„По промената на податоците во матичната евиденција, Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од три дена да издаде нов матичен број кој е соодветен на извршената промена. Ова е прво решение на Управниот суд на РМ каде што со полна јурисдикција е одлучено за правото на промена на податоците во матичната евиденција според  фактички извршената промена на пол кај трансродово лице“, се наведува во соопштението од МЗМП.

„Ова решение претставува пресврт во делот на целосно уживање на правата на трансполовите лица и почитување во целост на членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и практиката на Европскиот суд за човековите права“, истакна адвокатот Жарко Хаџи Зафиров кој ја водеше постапката во рамки на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во РМ“, спроведуван од страна на Македонското здружение на млади правници.

М.В