/Прочитано:

3.087

Усвоена Стратегијата за реформи во правосудниот сектор

Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за подготовка на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) со Акциски план.

„Со оваа Предлог-стратегија се даваат насоки, правци за подобрување на целокупниот правосуден сектор преку надминување на постојните недостатоци како од нормативен така и од институционален карактер. Стратегијата е проследена со Акциски план кој содржи активности, мерки и рокови со чие спроведување се очекува да се достигне крајната цел на Стратегијата – враќање на довербата во институциите преку обезбедување на правна сигурност и пристап до непристрасна и квалитетна правда за граѓаните“, велат од Владата.

Нацрт-стратегијата, додаваат од Владата, пред да биде доставена во владина процедура за нејзино усвојување, беше во три наврати доставена на мислење до Европската комисија.

Во Стратегијата за реформи на правосудството се вели дека донесувањето и спроведувањето на нова Стратегија за реформа на правосудниот сектор се од суштинско значење заради зачувување и унапредување на постигнатите ефекти/придобивки од претходните реформски процеси и активности, но и заради спречување на назадувањата во правосудниот сектор на државата констатирани во изминатите неколку години.

„Новата Стратегија треба да претставува патоказ по кој Владата ќе се движи во овозможување на сите предуслови во нејзина надлежност за создавање на независно, непристрасно, ефикасно, квалитетно и транспарентно правосудство, надлежно за заштита на поединечните права и слободи на граѓаните, како и за истовремена заштита на јавниот интерес. Од друга страна, Стратегијата утврдува насоки за создавање законски услови, но и амбиент за вистинска реализација на начелото на одговорност од страна на правосудните органи за сопственото работење. Во последниве години, се забележува отсуство на таква одговорност, првенствено кај судството и Јавното обвинителство“, се констатира во Стратегијата.

„Нормативните мерки утврдени во Стратегијата често ќе значат ’враќање назад‘ кон законските решенија пред 2009 година, бидејќи анализите укажуваат дека нормативниот хаос во казненото, управното, прекршочното и граѓанското право започнува токму во тој период и трае непрекинато до 2017 година. Со усвојувањето и спроведувањето на новата Стратегија, Владата манифестира сериозна заложба за спроведување реформи во правосудството, чија основна цел е враќање на довербата во институциите преку обезбедување правна сигурност и пристап до непристрасна и квалитетна правда за граѓаните“, се додава во Стратегијата.

M.В