Утврдено прекршување на работничките права на текстилните работнички во Кочани
Државниот инспекторат за труд утврди прекршување на работничките права на текстилните работнички во приватна компанија во Кочани, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
По добиени сознанија за прекршување на работничките права во делот на исплатата на додаток на плата за поминати работни часови на ден на неделен одмор и додаток на плата за поминати работни часови во денови на празници и неработни денови, Хелсиншкиот комитет до Државниот инспекторат за труд поднел барање за спроведување вонреден инспекциски надзор во повеќе конфекции.
„Имено, оваа година 24 октомври за сите граѓани на Република Македонија беше прогласен за неработен ден поради одбележување на празникот Ден на македонската револуционерна борба, кој се одбележува на 23 октомври. Бидејќи оваа година 23 октомври календарски се падна во недела, во согласност со закон, за неработен ден за сите граѓани беше прогласен следниот ден, 24 октомври. Во согласност со Законот за работни односи, работодавците кои имаат намера да работат и за празник се должни претходно да го известат подрачниот инспектор на труд. Дополнително, работодавците кои ќе работат за време на празниците се должни да им ги исплатат наведените додатоци на плата на работниците кои ќе работат. При извршениот вонреден инспекциски надзор Државниот инспекторат за труд, подрачна единица Кочани, утврдил прекршување на работничките права во приватната компанија – работодавач.
Имено, работодавачот навремено го известил Државниот инспекторат дека одлучил неработниот ден и воедно државен празник да биде работен ден. На тој ден 63 работнички го евидентирале своето присуство на работното место. Работодавачот извршил пресметка и уплата на надоместок на плата за поминати работни часови во ден на неделен одмор, но не извршил пресметка и уплата на надоместок на плата за работа во денови на празници и неработни денови, што е спротивно на Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството. Хелсиншкиот комитет бара работодавачот да им исплати на работничките додаток на плата за работа во денови на празници и неработни денови, во согласност со чл. 24, став 2 од Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството.
Во спротивно, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет, бараме инспекторот на трудот да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.
М.В