/ Прочитано:

695

Владата ќе го испрати Ревизорскиот извештај на МЕПСО за 2016 година до Обвинителствотo

Ревизорскиот извештај на МЕПСО за 2016 година ќе биде испратен до Основното јавно обвинителство, соопшти денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Одлуката за Извештајот била донесена на владина седница со цел да се направи дополнителна проверка на два индикативни наоди и започнување евентуални постапки. Тој образложи дека првиот наод се однесува на купување имот.

„Во 2011 година, МЕПСО добила понуда да откупи имот од 2.178 квадратни метри, по цена од 3,7 милиони евра, која ја одбива. Две години подоцна, друго правно лице му го продава на МЕПСО истиот имот, по цена од 4,8 милиони евра“, изјави Бошњаковски, кој во врска со вториот наод рече дека се однесува на времето на двоење на Електростопанството на Македонија, кога дел од мрежата во сопственост на МЕПСО не бил впишан во катастар како дел од имотот на компанијата. Портпаролот образложи дека ЕВН ги имала издадено овие објекти под закуп и зела хипотекарен кредит. Во Ревизорскиот извештај, рече тој, наведено е дека оваа ситуација мора да се расчисти, односно дека имотот е во државна сопственост.