Во подготовка законски измени за формирање Координативно тело на Националниот статистички систем
Министерството за финансии подготвува измени на Законот за државната статистика. Целта на законските измени е имплементација на препораките од спроведеното Партнерско оценување на националниот статистички систем во февруари 2017 година, со посебен акцент на Државниот завод за статистика, спроведено од експерти ангажирани од Евростат. Со Предлог-законот се предвидува зајакнување на координативната улога на Заводот преку формирање на посебно тело, како и проширување на составот на Советот за статистика со цел поголемо вклучување на претставници на корисниците.
„Државниот завод за статистика, во согласност со Законот за државната статистика, е координатор на статистичкиот систем на земјата. Со Предлог-законот се предвидува формирање на Координативно тело на Националниот статистички систем, кое ќе биде составено од претставници на Државниот завод за статистика и овластените носители на статистички истражувања. Исто така, се планира и усогласување на Законот во однос на структурата на Советот за статистика од аспект на поголемо вклучување на претставници на корисниците во Советот“, образложуваат од Министерството за финансии.
М.В