/ Прочитано:

1.003

За Прирачникот за судии и новинари на Судско-медиумскиот совет при Здружението на судии

Судско-медиумскиот совет, при Здружението на судии на Република Северна Македонија, го објави и го промовираше Прирачникот за судии и за новинари. Автори на Прирачникот се Џемали Саити, судија на Врховниот суд, претседател на Здружението на судиите на Република Северна Македонија, Рашел Коен, новинарка и заменик-уредник на „Бостон глоуб“, Андреј Божиновски, правен советник во Здружението на судии на Република Северна Македонија, Васко Маглешов, новинар во „Призма“ – публикација на Балканската истражувачка мрежа, Ѓорѓи Андонов, судија и претседател на Основниот суд Штип, и Гордана Дувњак,  новинарка и претседател на Судско-медиумскиот совет. За целите на Прирачникот и за неговата намена разговараме со неговите автори.

Судија Саити, како дојде до идејата за создавање на овој прирачник?

„Здружението на судиите на Република Северна Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, во рамки на проектот „Зајакнување на улогата и функционалноста на Судско-медиумскиот совет“, организираа работилници за судии, новинари и креатори на политики за транспарентност, на кои се дискутираше за пристапот до правдата; за транспарентноста на судството и за медиумите како предуслов за зајакнување на судската независност“, вели судијата д-р Џемали Саити, претседател на Здружението на судии на Република Северна Македонија.

Целта на овие едукативни школи, појаснува Саити, беше овозможување дискусија помеѓу судиите, правните практичари, експерти и медиумите заради изнаоѓање на заемно прифатливи заклучоци и препораки за реформа на механизмите за транспарентност на судовите, за зајакнување на соработка помеѓу медиумите и судовите, како и за изготвување посебен Прирачник за судии и новинари. Соодветно, според проектниот план, по завршувањето на едукативните работилници, тимот на автори изготви посебен сеопфатен Прирачник за судии и новинари за судска транспарентност.

„Во него е даден компаративен осврт на позитивните законодавства во САД, ЕУ, регионот и домашното законодавство за да може да дефинираме што е јавно, што не е јавно и зошто. Во вториот дел од Прирачникот опишани се правилата и критериумите за пристап и присуство на судии на социјалните мрежи, како и позитивните политики на комуникација на судовите преку социјалните мрежи со пошироката јавност. Резултатите од оваа публикација имаат цел да послужат како насока за дополнителни реформи на засегнатите законски решенија.

Врз основа на овие решенија, а преку оваа публикација, Судско-медиумскиот совет нуди сет на базични практични насоки за судиите и новинарите, кои можат да ги користат при употреба на механизмите за судска транспарентност и пристапот до предмети. Тука ги разгледуваме американската и европската практика, практиката на Европскиот суд за човекови права и регионалните позитивни решенија за  на крај да дадеме придонес кон правилното користење на официјалните медиуми од страна на судиите и како да препознаеме дезинформации. Публикацијата, пред сѐ, се однесува на политиките на транспарентноста и користењето на социјалните мрежи од страна на судиите и судските институции преку одделенијата за односи со јавност за полесна и поразбирлива комуникација со јавноста и односи со медиумите. Публикацијата е релевантна и за индивидуалните судии и за новинарите во нивното секојдневно работење, како и за одговорните лица за креирање национални стандарди за судска транспарентност – Судскиот совет, Врховниот суд на Република Северна Македонија, претседатели на судови и Министерство за правда, во однос на донесување на Судскиот деловник, и други актери“, посочува Саити.

Која е целта на Прирачникот?

„Примарната мисија на Прирачникот е поддршка на социјалниот напредок, правосудството, јавната свест за демократските процеси, економијата, здравството, интеркултурното разбирање и социјалната интеграција, но и критички однос кон нив. Како важен јавен извор на непристрасно известување и разновидни политички мислења, медиумите мора да останат настрана од политичките мешања за да ги постигнат и да ги задржат високите уреднички стандарди за непристрасност, објективност и правичност во известувањето. Од друга страна, судовите треба да бидат предмет на постојана контрола на јавноста и да бидат одговорни и транспарентни при вршењето на своите функции бидејќи имаат обврска да ѝ служат на јавноста во чие име ги донесуваат пресудите“, вели претседателот на Здружението на судии.

Новинарката Гордана Дувњак и претседател на Судско-медиумскиот совет вели дека Прирачникот е круна  на двегодишниот ангажман на Здружението на судиите на Република Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави, а во рамките на проектот „Зајакнување на улогата и функционалноста на Судско-медиумскиот совет“.

„Сѐ почна со серија работилници за судии и новинари, на кои се разговараше за транспарентноста на овие две професии и за достапноста на правдата како предуслов за зајакнување на судската независност, но и преку учеството на инспиративни  гости од САД, кои пренесоа  интересни искуства и добри практики за начинот на функционирање на советодавно тело составено од судии и новинари  во Масачусетс.

‘Судските рочишта треба да бидат отворени за јавноста и за новинарите бидејќи само на тој начин ќе се зголеми довербата на граѓаните во  судството’ беше главниот совет кој го упати американската новинарка Рашел Коен од ‘Бостон глоуб’ на една од првите регионални работилници на кои се разговараше за судската транспарентност и реформи на судството во Скопје. Суштината беше дека судските одлуки не треба да бидат само донесени, туку треба да бидат видливи и разбрани, а тоа е  можно доколку постои конструктивен дијалог меѓу судиите и новинарите, но и баланс меѓу потребата за афирмација на принципот за транспарентност во судството, но и како да се олесни пристапот до судовите за правилно и објективно информирање за судските процеси кои се од интерес на јавноста“, истакнува Дувњак.

 Кои теми се разработуваат во Прирачникот и која е неговата цел?

„Прирачникот содржи широк спектар на теми кои, по процена на авторите, би биле од интерес на судиите и на новинарите. Нашата веќе добра пријателка и партнер во целиот овој процес на создавање на Судско-медиумскиот совет (СМС), американската новинарка Рашел Коен, ги пренесе американските стандарди и искуства во поглед на транспарентноста на судот во Масачусетс виз-а-ви федералните судови.

Во Прирачникот се анализира судската транспарентност во македонското законодавство, но со еден активен однос и со нудење на конкретни решенија за тоа во која насока треба да се менуваат некои ретроградни и застарени одредби во  неколку закони и во Судскиот деловник. Посебен дел е наменет и за европските стандарди, а низ конкретни примери е пренесена и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Секако големо внимание  очекуваме да привлече и делот што се однесува на судското однесување на социјалните медиуми, во онлајн просторот, затоа што станува збор за нова и сѐ уште недоволно проучена сфера. На судиите им се нудат корисни совети како подобро да „пливаат“ во овој  неограничен простор на можности, кој сѐ повеќе зема замав и станува неопходен дел од човековото битие, но носи и големи ризици, без да се наруши судскиот интегритет. А, во исто време и како да се разликуваат дезинформации и лажни вести со кои се преплавени социјалните мрежи и кои претставуваат непресушен извор за големи манипулации“, вели Дувњак.

Зошто е потребно овој прирачник да биде практично применет од судиите и од новинарите?

„Прирачникот нема амбиција да биде некаков претенциозен научен труд, туку повеќе е  замислен како корисно четиво кое би било добро да го има  секој судија и новинар на својата работна маса. Еден вид потсетник, но и водич за тоа на што треба да се внимава во судница за да не се повредат принципите на функционирање на двете професии во делот на транспарентноста. Но, уште повеќе, што треба да се менува за да можат работите да тргнат на подобро и да се олесни просторот на дејствување“, образложува Гордана Дувњак.

Колку ова дело придонесува за јакнење на транспарентноста на судството, но и за квалитетот на новинарството?

„Треба да бидеме реални во очекувањата затоа што за видливо менување на општата перцепција за транспарентноста на судството, но и за професионални медиуми треба уште многу да се работи, а има влијание и вкупниот амбиент во државата. Но, во секој случај,  ова е добар почеток на еден долг пат за зголемување на довербата меѓу двете професии. За охрабрување е тоа што постои интерес отворено  да се разговара за проблемите и тешкотиите со кои се соочуваат двете професии. Сѐ поголем е бројот на професионални новинари кои се занимаваат со судски теми, но и на судии кои ја разбираат потребата од поголема јавност и не ја доживуваат ‘седмата сила’ како нужно зло во судница, туку како сојузник“, вели Дувњак.

Зошто делото е значајно за пошироката граѓанска јавност?

„Да не звучи како фраза, но  преку вакви и слични прирачници, едукации, заеднички настапи на судии и новинари ќе се подобри разбирањето за важноста на јавноста, на отчетноста и на судската транспарентност, зашто само со професионални и одговорни  судии  и новинари пошироката јавност ќе има увид што се случува во судниците и кои биле аргументите за донесување на некоја одлука“, истакнува претседателката на Судско-медиумскиот совет.

Дали начелото на јавност како точка на поврзување на судството со новинарството има една од клучните улоги во процесот на реформирање на правосудниот систем?

„Начелото на јавност е точката на поврзување, заедничкото множество во работата на двете професии, кои треба  искрено да влезат во процес на самоевалуација и доизградување преку процес на учење. Со реформите на правосудниот систем, паралелно треба да се одвива и реформата на овие две професии бидејќи тие се неопходен и контролен столб во развојот на секое демократско општество и на она што се нарекува нормална држава, ‘со сите нишани’“, нагласува Дувњак.

M.В