ЗАКЛУЧОЦИ СОБРАНИЕ: Да се направи процена на куќите во погодените подрачја колку се безбедни за живеење
Собранието ги задолжи Министерството за надворешни работи и Министерството за финансии на крајот на 2016 година да изготват извештај за помошта стигната од други држави и меѓународни институции, а Владата да достави тримесечен извештај за преземените активности за справување со катастрофалната временска непогода, стои во заклучоците на Собранието.
По вчерашната итна седница на Собранието на Република Македонија, на која се расправаше за состојбата во поплавените подрачја во Скопскиот Регион, каде што 22 лица го загубија живот, законодавниот дом излезе со 20 предлог-заклучоци за надминување на кризната состојба.
Собранието констатираше дека надлежните државни институции треба да продолжат со давањето помош до конечно отстранување на последиците од поплавите. Понатаму, Владата, Градот Скопје, погодените општини и сите надлежни институции да продолжат со реализација на оперативните заклучоци донесени од страна на Владата.
Собранието упатува и благодарност до граѓаните кои доброволно и солидарно даваат помош со физичка работа или со донирање средства. Благодарност е упатена и до АРМ, МВР, противпожарните служби, медицинските екипи, комуналните претпријатија, Градот Скопје, Црвениот крст, верските заедници, спортските клубови, медиумите и до други здруженија и поединци.
Покрај благодарност, Собранието упати и апел до сите граѓани и понатаму да продолжат да помагаат во погодените подрачја, а до претпријатијата – да им помогнат на жителите од поплавените региони во рамките на своите можности.
Собранието предлага Владата да се ангажира за брза процена на настаните штети и да го реализира планот за авансно обесштетување на погодените семејства.
Законодавниот дом апелира до институциите да ги преземат сите законски мерки за да се спречи злоупотреба или финансиска корист.
Покрај санирање на штетите, Собранието апелира Владата и надлежните институции да преземат превентивни мерки за справување со опасностите од можните природни непогоди и Владата да изврши процена за пренасочување на средства од Буџетот за санирање на последиците од невремето.
Министерството за финансии и Владата да ја подготват одлуката за прераспределба на средства со кои ќе се обесштетат семејствата на загинатите лица, загрозените семејства, и со кои ќе се санира материјалната штета, а Собранието да ја разгледа одлуката.
Владата да продолжи со активностите за привремено сместување на жителите од погодените подрачја и да превенира ширење на зарази и болести преку дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Покрај процена на штетите, Собранието предлага да се направи и процена на безбедноста на теренот, од аспект на стабилност на објектите кои беа погодени.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да изготви процена на степенот на дива сеча во околината на погодените подрачја, како и на територијата на цела Македонија, а Владата да реализира активност за пошумување на целата територија, особено на местата со висок ризик од ерозија.
Собранието ги задолжи Министерството за надворешни работи и Министерството за финансии на крајот на 2016 година да изготват извештај за помошта стигната од други држави и меѓународни институции, а Владата да достави тримесечен извештај за преземените активности за справување со катастрофалната временска непогода, стои во заклучоците на Собранието.