/ Прочитано:

591

Заклучоци од пленарната седница на CCBE во Порто

ССВЕ ја одржа својата пленарна седница на 17 мај во Порто. Пленарната седница, се вели во новиот Информативен билтен на ССВЕ, започна со двете воведни излагања на Нуно Атаиде, претседател на Апелациониот суд во Порто и Пауло Пимента, претседател на Регионалниот совет на Адвокатската комора на Португалија во Порто и член на Венецијанската комисија, кој ја потенцираше основната улога на адвокатската професија и суштинската важност на потребата да се заштити владеењето на правото во ова време на предизвици.

Беа најавени и некои идни настани, како на пример, ССВЕ-работилницата за ефектите на законите за борба против перењето пари и даночните закони во однос на привилегираноста на правната професија, која треба да се одржи на 27 јуни во Брисел, како и Заедничката конференција за саморегулирање на ССВЕ-FBE, која треба да се одржи на 25 октомври во Лисабон.

Делегациите беа информирани и за најновите вести во врска со заедничкиот натпревар за млади правници, организиран од страна на ERA-CCBE. Поднесувањето на пријавите започнува од 1 јуни 2019 година, за натпреварот за 2019-2020 година. Овој натпревар има за цел, на едно место да ги собере идните адвокати од различните европски држави, во време кога тие го добиваат своето основно образование, за да можат да споделуваат заеднички вредности, да разменуваат нови искуства и да дискутираат за новите перспективи во заедничките области од интерес.

Градењето единствена европска правна култура и негувањето на вредната синергија меѓу стручните лица од правната сфера од различните држави членки ќе придонесат за зајакнување на слободите, безбедноста и правдата во ЕУ. Повеќе информации може да најдете на веб-страницата на проектот, достапна на следнава интернет адреса: https://younglawyerscontest.eu/.

ССВЕ, се вели понатаму во билтенот, усвои одредени измени и дополнувања на коментарите во однос на начелото е) од Повелбата на ССВЕ за основните начела за европската правна професија, кои се однесуваат на адвокатската професионална стручност. Имајќи ја предвид сè поголемата употреба на вештачката интелигенција и другите релевантни технологии од страна на адвокатите, коментарот кон начелото е) од Повелбата беше проширен со уште една реченица, која вели дека адвокатите треба да се запознаени со придобивките и ризиците поврзани со употребата на релевантните технологии во нивната работа. Покрај тоа, беа направени и некои дополнителни измени во оригиналниот текст на коментарот – погледнете го изданието на Повелбата на ССВЕ од 2019 година, достапно на следнава интернет адреса: https://www.ccbe.eu/fileadmin/speciality_distribution/public/documents/DEONTOLOGY/DEON_CoC/EN_DEON_CoC.pdf.

На пленарната сесија се искористи и можноста сите делегации да се запознаат со тешката ситуација со која во моментов се соочува Европската адвокатска иницијатива на Лезбос (ELIL) поради недостатокот на финансиски средства. Како резултат на тоа, ELIL беше принудена да ги прекине сите свои активности до крајот на месец април.

„Сепак, по неодамнешните најави за одредени великодушни донации од страна на повеќе адвокатски комори и адвокатски здруженија, се надеваме дека ELIL наскоро ќе биде во состојба да ги продолжи своите активности. Досега, ELIL има обезбедено бесплатна правна помош за повеќе од 9 000 лица, благодарение и на учеството на 144 доброволци, европски адвокати за азил – кои работеа паралелно со постојаниот тим на адвокати за азил од Грција, кој беше ангажиран со полно работно време.

Проектот ја докажа својата ефикасност: 74.5% од оние што добиле помош од ELIL добиле и азил, во споредба со просечната стапка од 46.5% во Грција. Ве молиме, за повеќе информации, погледнете ја веб-страницата на ELIL достапна на следнава интернет адреса: https://www.europeanlawyersinlesvos.eu/.

На пленарната седница беа разменети и мислења во однос на неколку други тековни прашања, како на пример, владеењето на правото, е-правдата, дигиталните средства, Европскиот деловен кодекс, предложената Европска конвенција за адвокатската професија итн.“, се резимира во билтенот.

Нов информативен билтен на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа

М.В