Законски измени за издавањето на обврзници за денационализација
Во собраниска процедура е Предлог на закон за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Северна Македонија за денационализација, по скратена постапка.
„Со Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/02, 89/08, 161/09, 6/12, 104/13, 33/15, 161/17 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.311/20) е уреден начинот и постапката на издавање на обврзниците за денационализација, кои се даваат како надомест за имотот одземен во корист на државата врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста, врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општокорисни цели, односно општ интерес, ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за екпропријација и одземање без правна основа.
Во Законот се предвидени 20 емисии на обврзници за денационализација, а Владата на Република Северна Македонија со одлука годишно го утврдува износот на обврзниците што ќе се издаваат. Годишниот износ се утврдува врз основа на надоместокот даден во обврзници со решенијата кои станале правосилни во тековната година. Започнувајќи од 2002 година до сега Република Северна Македонија изврши дваесет емисии на обврзници за денационализација во вкупен износ од 386,5 милиони евра. Состојбата на долгот по основ на издадените обврзници за денационализација заклучно со 30.09.2021 година изнесува 32,9 милиони евра.
Процесот на денационализација заврши во првостепена постапка, но дел од решенијата не се конечни, односно по истите се уште се водат управни спорови или се вратени од судовите на повторно постапување. За да се овозможи исплата по овие предмети по нивната правосилност, има потреба од зголемување на бројот на емисиите на обврзници за денационализација.
Со Предлог законот се предлага дополнително издавање на уште две емисии на обврзници за денационализација, со цел исплата на обврзниците кои ќе бидат утврдени со решенијата кои ќе станат конечни во претстојниот период“, се вели во законското образложение.
М.В