/ Прочитано:

2.393

Законските измени за банките и увидот на УЈП во сметките спорни од аспект на заштитата на личните податоци

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци имаат негативно мислење за предложените измени на Законот за банките со кои УЈП ќе има увид и ќе добива податоци од банките за приходите на даночните обврзници без поднесување на поединечно барање. Од Дирекцијата нагласуваат дека измените не се во согласност со начелата за заштита на личните податоци и Законот за заштита на личните податоци.

Дирекцијата за заштита на личните податоци подготви Соопштение за преземените дејствија по однос на текстот на предложените измени на Законот за банките.

Измените на Законот за банките беа најавени во месец април оваа година. Целта на измените, посочија од Министерството за финансии, е овозможување Управата за јавни приходи да подготвува пополнети даночни пријави и Царинската управа да извршува решенија за присилна наплата.

„Според Законот за банките, Управата за јавни приходи може да има увид во податоците и информациите со кои располагаат банките само врз основа на писмено барање кое се поднесува за секое поединечно физичко лице. Управата за јавни приходи од 2019 година ќе започне да изготвува даночна пријава за секој даночен обврзник. Заради поедноставување на постапката, Управата за јавни приходи има потреба да добива податоци за остварените приходи на даночните обврзници по сите основи, без поднесување на поединечно барање, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Дополнително, Царинската управа има потреба од податоци за трансакциската сметка на граѓаните заради спроведување на законската обврска за присилна наплата на царинските давачки“, образложија од Министерството за финансии.

Во врска со законските измени од УЈП, на прес-конференција посветена на ова прашање, истакнаа дека Управата електронски ќе ги добива од банките податоците за граѓаните неопходни за пополнување на годишната даночна пријава, која од јануари следната година, наместо да ја пополнува граѓанинот, тоа ќе го прави Управата и ќе му ја доставува на граѓанинот на потврда. Податоците што ќе ги доставуваат банките и што ќе ги користи УЈП, како и динамиката на доставување, ќе бидат утврдени со законски измени.

Според директорката на УКП, Сања Лукаревска, користењето на податоците низ една ваква законска и сигурна процедура е императив за да може УЈП да издава однапред пополнети годишни даночни пријави кои граѓаните само ќе ги потврдуваат.

Измени на Законот за банките: УЈП да добива податоци за приходите на даночните обврзници без поднесување на поединечно барање

М.В