/ Прочитано:

2.539

Заштитната маска – сега засега единствено решение против аерозагадувањето

„Едно од основните човекови права е правото на здрава животна средина, а што да кажеме ние. Ова наше право ни е целосно одземено. И зиме и лете сме изложени на загадувачки материи во воздухот кои ги дишеме ние, граѓаните. Болниците се преполни со пациенти со белодробни заболувања. Сето тоа е последица на живеењето во овој град“, потенцираат граѓаните во центарот на Скопје.  

Луѓе загадување маска

Заштитната маска со филтер со активен јаглен, т.н. вог-маска, е еден од најкупуваните производи во аптеките во Скопје во последниот месец и пол. Побарувачката, велат аптекарите, од ден на ден е сè поголема како резултат на постојаното загадување на воздухот со опасните честички 2,5 ПМ и 10 ПМ.

„Од почетокот на зимскиот период, односно кога почна јавноста поинтензивно да се информира за загадувањето на амбиенталниот воздух, имаше поголема заинтересираност за купување на маската со активен јаглен од страна на луѓето кои страдаат од хронични заболувања на респираторниот систем, потоа од пациентите со срцеви заболувања, како и од трудниците, а сега маската ја купуваат и млади луѓе кои во текот на денот треба да излезат надвор по неколку пати за да ги завршат секојдневните обврски. Всушност, ја купуваат сите оние што сакаат да си го заштитат здравјето“ појаснуваат во скопските аптеки.

Лекарите велат дека колку повеќе се изложени луѓето на надворешните влијанија, особено во периодот кога се концентрациите на честичките 2,5 ПМ и 10 ПМ  во воздухот далеку над максимално дозволените, толку се полоши ефектите по нивното здравје. Иако лекарите ги посочуваат повозрасните лица, хроничните болни и децата како најранливи групи, секој може да ги почувствува првите симптоми на здравствени проблеми, од кои најчести се: кашлањето, отежнатото дишење, иритацијата на дишните патишта, неправилната работа на срцето. Здравствените работници секојдневно апелираат до населението да не се изложува на отворено доколку нема итна потреба за тоа.

Од своја страна, пак, граѓаните објаснуваат дека оваа препорака не е решение и дека на проблемот треба да му се пристапи многу посериозно бидејќи, како што велат, долгогодишниот проблем со загадувањето во земјава остава трајни последици.

„Едно од основните човекови права е правото на здрава животна средина, а што да кажеме ние. Ова наше право ни е целосно одземено. И зиме и лете сме изложени на загадувачки материи во воздухот кои ги дишеме ние, граѓаните. Болниците се преполни со пациенти со белодробни заболувања. Сето тоа е последица на живеењето во овој град“, потенцираат граѓаните во центарот на Скопје.  

Повеќе невладини организации за заштита на животната средина постојано ја алармираат јавноста за сериозноста на проблемот и предлагаат низа мерки за намалување на аерозагадувањето. Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ остро ја осуди најавата на „Електрани на Македонија“ за изградба на четири нови термоелектрани на јаглен, особено поради фактот што во моментов Македонија е рангирана на врвот на листата на земји со екстремно загадување на воздухот.

„Во услови кога имаме енормно загадување на воздухот во повеќе градови низ Македонија, ЕЛЕМ најавува дури четири нови термоелектрани на јаглен кои значително ќе придонесат кон аерозагадувањето во деловите од земјата кои во моментов не се оптоварени со загадување од термоелектраните. Имено, во фаза на изработка се неколку студии за нови термоелектрани кои би користеле увозен висококалоричен јаглен. Дополнително на ова, ЕЛЕМ во изминатиот период без учество на јавноста одржа расправа за студијата за оцена на влијанието врз животната средина од модернизацијата на ТЕЦ Осломеј, за која исто така е предвидено да работи на увозен висококалоричен јаглен. Во период кога веќе се работи на модернизација на термоелектраната, значително подобар и почист избор е нејзиното функционирање на природен гас, наместо алтернативата со висококалоричен јаглен кој има значително поголеми емисии, а со тоа и здравствени ефекти“, потенцираат од „Еко-свест“.

Оттаму велат дека увозот на висококалоричен јаглен придонесува кон речиси целосна енергетска зависност на Македонија, земајќи предвид дека Македонија веќе ги увезува другите фосилни горива.

„Со ваквата насока на истражувањата во енергетиката, наместо да се бара начин да се зголеми енергетската безбедност преку диверзификација на изворите на енергија и искористување на можностите што ги нудат локално достапната сончева и ветерна енергија и подобрувањето на енергетската ефикасност, плановите и финансиите се насочуваат кон согорување на фосилни горива за кои Македонија треба да се задолжи за да изгради капацитети кои само ќе ја продолжат енергетската зависност и несигурност на земјата“, информира Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“.

А. Б.