/ Прочитано:

2.011

ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРОЕКТОТ „ПРИСТАП ДО ПРАВДА ВО МАКЕДОНИЈА“

Денеска во организација на ФООМ се одржа Завршната конференција на проектот „Пристап до правда во Македонија“. Проектот е финансиран од ЕУ и координиран од Фондацијата „Институт отворено општество Макеоднија“. Главна цел на проектот „Пристап до правда во Македонија“ е да придонесе за подобрување на системот на заштита на човековите права во земјата, преку оценување на задоволството од постојниот систем на бесплатна правна помош на граѓаните, но и утврдување на слабостите при неговото спроведување.

На почетокот на денешната конференција воведно обраќање имаше амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, кој го истакна значењето на бесплатната правна помош во Европската Унија и во таа насока, значењето на спроведувањето на проектот за Република Македонија, особено во поглед на евроинтеграциските процеси.

Билјана Секуловска–Габер, членка на Управниот одбор на ФООМ, во своето воведно обраќање подвлече дека проектот „Пристап до правда во Македонија“ бележи значителни резултати, но и ги детектира недостатоците на системот за бесплатна правна помош, за што предлага соодветни решенија за нивно подобрување.

Истражувачката Дијана Миленковска, говорејќи за резултатите од истражувањето на задоволството на граѓаните од добиената правна помош, посочи дека 1500 граѓани добиле бесплатна правна помош од 5 овластени здруженија. Според податоците, испратени се повеќе од 30 барања за информации од јавен карактер и поднесени се 16 тужби до Управниот суд.

На настанот беше презентирано дека во контекст на бесплатната правна помош, мониторирани биле 20 судски случаи каде што била одобрена бесплатна правна помош и биле развиени три стратегии за застапување заради подобрување на целокупниот систем на бесплатна правна помош.

„Подигната е свеста кај 200 луѓе кои присуствуваа на 10 сесии за правно описменување на граѓаните за социјална заштита и работни односи во Штип, Струмица, Битола, Куманово и Скопје“, беше истакнато на денешниот настан.

Една од целите на проектот за бесплатна правна помош е и поддршка на овластените здруженија кои даваат претходна правна помош, со цел подобрување на пристапот до правда. Давањето квалитетна претходна бесплатна правна помош во 5 овластени здруженија е еден од повпечатливите резултати на проектот.

Сепак, како што истакна на денешната конференција правничката Благица Киров, има низа утврдени недостатоци на системот на бесплатна правна помош, а овластените здруженија во таа насока се соочуваат со многу предизвици. Како што образложи Киров, законските услови за давање на бесплатна правна помош се многу ригорозни и потребен е поширок опфат на правните прашања за кои се одобрува бесплатна правна помош. Голем број граѓани, истакна Киров, бараат правна помош и за други области, освен за оние што се предвидени во законот.

Во такви услови, не може во целост да се одговори на барањата и потребите на граѓаните, а надлежностите на овластените здруженија се ограничени. Проблематична е и централизираноста на постапката, нејзиното времетраење и долгиот временски период за Министерството за правда да донесе решение, со што се губат и смислата и значењето на правото за добивање на бесплатната правна помош. Има случаи каде што и со месеци се чека Министерството за правда да одлучи за бесплатната правна помош.

Повикувајќи се на практичните искуства, Благица Киров воедно подвлече дека Законот за бесплатна правна помош мора да се усогласи со законските решенија за парничната постапка, нотаријатот, Законот за извршување, па и Законот за кривичната постапка, како и другите решенија кои се во непосредна врска со Законот за бесплатната правна помош.

Нада Наумовска, постара програмска координаторка во ФООМ, говорејќи за правните проблеми на граѓаните наспроти правните прашања предвидени во Законот, за кои се одобрува бесплатна правна помош, рече дека еден од клучните сегменти за остварување на бесплатната правна помош е правното описменување на граѓаните, но и враќањето на довербата на граѓаните во правосудството.

Според податоците што ги презентираше Наумовска, 73,4% од македонските  граѓани сметаат дека судскиот систем е поправеден за богатите. 54,1% од граѓаните немаат доверба во правниот систем.  66,3% од граѓаните одговориле дека знаат каде да побараат правна помош. Од нив најголем дел би се обратиле кај адвокат.

Според резултатите од истражувањето „Јавната перцепција и запознаеноста на граѓаните со Законот за бесплатна правна помош“, на кое посочи Наумовска, 70,9% од граѓаните не се запознаени дали во Македонија постои можност за остварување на право на бесплатна правна помош, додека, пак, 84,7% од граѓаните не слушнале за денови на бесплатен правен совет.

Државата, истакна Наумовска, треба да знае со какви проблеми се соочуваат граѓаните и во таа насока, при подготовка на новиот Закон за бесплатна правна помош, треба особено да се земат предвид сервисите на правните совети. Едукацијата, нагласи Наумовска, е клучна, но клучно е и што покажува практичната имплементација на Законот за бесплатна правна помош каде што најдобро може да се согледаат слабостите. Сите тие искуства, порача Наумовска, треба да се инкорпорираат во едно ново законско решение.

Сите овие податоци, беше нагласено на денешниот настан, го отвораат прашањето за промена на системот на бесплатна правна помош. Промените треба да се насочат кон  овозможување на неограничено и неусловено право на рекламирање на Законот за бесплатна правна помош и информирање на граѓаните за правото, условите и начините за добивање на бесплатна правна помош.

Адвокатот Благоја Пандовски на денешната конференција говореше за положбата на Управниот суд во целокупниот систем на бесплатна правна помош. Улогата на Управниот суд, во оваа смисла, рече адвокатот Пандовски, е да биде коректура на сите грешки и недостатоци на органите на управата, а во поглед на бесплатната правна помош.

Сепак, подвлече адвокатот, практиката покажува дека покрај тоа што е проблематична должината на постапките пред органите на управата, проблематична е и должината на постапките пред Управниот суд кој не навлегува во мериторно решавање за спорот настанат околу барањето за бесплатна правна помош.

Доколку постапката пред Управниот суд, нагласи адвокатот, не биде експедитивна, повторно се поставува прашањето за нејзината улога. Овие постапки, во интерес на граѓаните, треба експедитивно да се решаваат и од тие причини најдобро е да се направат законски измени во кои ќе се пропише и акцентира мериторното одлучување на Управниот суд, роковите за одлучување, но ќе се уреди и прашањето за судските такси кои се финансиски товар за барателите на бесплатната правна помош за кои воедно финансиски товар претставува и прибавувањето разни докази и документи од институциите.

Понатаму, на денешниот настан, за улогата на адвокатите во системот на бесплатната правна помош, говореше адвокатот Оливер Митов, кој подвлече дека улогата на адвокатите и во овој систем е клучна и ја означува суштината на бесплатната правна помош. Во согласност со законите, во Македонија реалната правна помош ја даваат адвокатите и тоа е и крајната цел на бесплатната правна помош – да се добие бесплатен адвокат.

Улогата на адвокатот, посочи Митов, е улога на советник и застапник од доверба, неопходен учесник во праведното делење правда. Повикувајќи се на Повелбата на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа, Митов додаде дека адвокатот треба да учествува во унапредувањето на развивањето на законите и одбраната на слободата, правдата и владеењето на правото.

Поаѓајќи од овие принципи, истакна Митов, и на улогата на адвокатот во системот на бесплатната правна помош треба да се гледа низ призмата на овие начела.  Повикувајќи се на компаративните законски решенија и искуства, адвокатот Митов нагласи дека во системот на бесплатната правна помош потребна е засилена комуникација помеѓу Министерството за правда и Адвокатската комора на Република Македонија. Комуникацијата, подвлече адвокатот, во многу ќе придонесе за подобрување на системот на бесплатната правна помош, како од нормативен, така и од практичен аспект.

Во завршното излагање на денешниот настан, Христина Василевска, координаторка на проектот „Пристап до правда во Македонија“, посочи дека постои неусогласеност на Законот за бесплатна правна помош и другите закони со кои е во директна врска, како што се Законот за парничната постапка, Законот за нотаријатот, Законот за кривичната постапка. Постои неусогласеност и со Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права за човекот, во кој се вели дека „сите луѓе треба да бидат еднакви пред судовите и трибуналите“.

Василевска посочи дека се потребни и набљудување и оценка на спроведувањето на Законот и квалитетот на дадената правна помош, поширок опфат на правни прашања за кои може  да биде одобрена правна помош во олеснување на условите кои треба да ги исполнат барателите на бесплатната правна помош.

Исто така, покрај трошоците за адвокат, Законот треба да ги предвиди и судските и административните такси, трошоците за изработка на наод и мислење од вешто лице, трошоците за превод и толкување, како и за обезбедување на докази. Потребно е и проширување на опфатот на претходната бесплатна правна помош  и финансирање на работата на здруженијата, децентрализација на донесувањето одлука по барањата за бесплатна правна помош и формирање независно тело за набљудување и оценка на имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош и усогласување со ЕУ-регулативите и директивите за бесплатна правна помош.

Граѓаните немаат доверба во правниот систем и сметаат дека судскиот систем е поправеден за богатите – истражување на проектот „Пристап до правда во Македонија“

ПРЕПОРАКИ ЗА НОВИОТ ЗАКОН ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ: Еднаков пристап до правда и усогласување со ЗПП, со ЗКП и со Законот за нотаријатот

М.В