/ Прочитано:

1.236

ЖЕРНОВСКИ ВО СЈО: Добра вест е дека Специјалното јавно обвинителство ги разгледува ревизорските извештаи за „Скопје 2014“

Според него, добра вест е дека СЈО работи на предмет поврзан со проектот „Скопје 2014“ и дека се разгледуваат ревизорските извештаи кои ги нарачала Општината, а кои денеска биле доставени до Специјалното јавно обвинителство.

Андреј Жерновски во СЈО

Како кандидат за градоначалник на Општина Центар уште за време на кампањата најавив дека ќе биде направена ревизија на проектот „Скопје 2014“, за што беа подготвени два извештаи во 2013 година и му беа предадени на Основното јавно обвинителство Скопје. Ова го истакна градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, кој денеска беше во Специјалното јавно обвинителство да даде исказ во врска со овој проект.

„За жал, од Основното јавно обвинителство Скопје три години имаше молк. Тие длабоко во своите фиоки ги ставија нашите ревизорски извештаи, со што се спречи вистината да излезе на виделина. Во тие извештаи има наведено дека се направени низа законски повреди, но Обвинителството донесе таква одлука“, рече Жерновски.

Според него, добра вест е дека СЈО работи на предмет поврзан со проектот „Скопје 2014“ и дека се разгледуваат ревизорските извештаи кои ги нарачала Општината, а кои денеска биле доставени до Специјалното јавно обвинителство.

Без да ја наруши тајноста на предистражната постапка, Жерновски потенцираше дека денеска во СЈО бил прашан за ревизорските извештаи и за тоа што било откриено по преземањето на раководењето со Општината кога тој станал градоначалник.

„Многу внимавам што ќе соопштам во јавноста. Документите што ги доставив до СЈО се јавни извештаи кои се презентирани и во јавноста, а се достапни и на веб-страницата на Општината и затоа сметам дека не ја нарушувам тајноста на предистражната постапка“, појасни Жерновски.

По преземањето на функцијата градоначалник на Општина Центар, од страна на Жерновски беа нарачани ревизорски извештаи за проектот „Скопје 2014“, кои констатирале низа неправилности и прекршувања на законите.

М. С.