/Прочитано:

3.420

50 години од конституирањето на МАНУ

Македонската академија на науките и уметностите денеска одбележува јубилеј 50 години од нејзиното конституирање. Во 1967 година во Собранието на СР Македонија е одржана седница на Матичната комисија за формирање на Македонската академија на науките и уметностите, на која е извршено конституирањето на Академијата.

Составот на Матичната комисија

Претходно, со указот за прогласување на Законот за Македонската академија на науките и уметностите (У. бр. 18/67 од 23 февруари 1967 година), именувана е Матична комисија со задача да изврши подготовки за работа на Македонската академија на науките и уметностите. Матичната комисија била под претседателство на д-р Милан Бартош.

Милан Бартош

Милан Бартош бил професор на Правниот факултет во Белград, член на Српската академија на науките и уметностите и член на Комисијата за меѓународно право при Обединетите нации и член на Институтот за меѓународно право. Професорот Бартош, исто така, во СФРЈ бил и главен правен советник во државниот Секретаријат за надворешни работи, како и член на делегациите на СФРЈ во  Обединетите нации.

МАНУ е основана на 23 февруари 1967 година, а нејзин прв претседател беше Блаже Конески, истакнат  македонски книжевен и културен деец, академик, поет, прозаист, есеист и професор на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во Законот за МАНУ од 1996 година се пропишува дека Академијата е највисока и самостојна научна и уметничка установа во Република Македонија. Академијата е јавна установа од особено значење за Републиката.

Во Законот, исто така, се определува дека Академијата го поттикнува развојот на науките и уметностите; ја следи состојбата во науките и уметностите и се залага за нивното унапредување, се залага за оспособувањето и усовршувањето на научноистражувачките и уметничките кадри;  ја разгледува состојбата во областа на културното наследство и природното богатство; соработува во утврдувањето на политиката на Републиката во науките и уметностите; поттикнува, координира, организира и врши научни истражувања и уметнички остварувања, а особено оние што се од особено значење за Републиката; обезбедува услови за научна работа и уметничко творештво на своите членови; се залага за примена на современите методи во научните истражувања, како и на современите научни знаења и резултати од научните истражувања и воспоставува, одржува и развива меѓународна соработка во областа на науките и уметностите.

Актуелен претседател на МАНУ е академикот Таки Фити. Членовите на МАНУ се избираат на секои три години на Централното собрание на Академијата и од формирањето досега МАНУ имала 154 членови, од кои сега 41 се со статус на редовни членови, а 33 се со статус на членови надвор од работниот состав. Најстар академик е Ѓорѓи Филиповски (1919), а најмлад Абдулменаф Беџети (1959). МАНУ е членка на ЦЕН (Мрежата на академиите од Централна и Источна Европа) и СЕЕА (академии од Југоисточна Европа).

Врз редовна основа на заеднички научноистражувачки проекти, МАНУ соработува со Европската академија на науките и уметностите, Друштвото на науките „Лајбниц“ од Берлин, Бугарската академија на науките и националните академии на науките на Украина, Русија, Полска, Романија, Унгарија, Србија, Црна Гора, Словенија, Косово и Турција. МАНУ досега има издадено околу 1690 научни трудови од сите сфери на науката и уметностите. Изданијата опфаќаат поголем број стручни монографии, зборници на трудови, научноистражувачки проекти и студии, збирки, каталози и уметничка книжевност на македонски и англиски јазик.

М.В