/ Прочитано:

2.613

Сентенца на Врховниот суд за примена на поблаг закон

На 1 ноември 2023 година, Врховниот суд објави сентенца од Пресудата ВКЖ2-27/23 од 31.05.2023 година од кривичната област (Закон за спречување перење пари и финансирање тероризамПрекршок по член 38 и член 53 став 1 од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам), за примена на поблаг закон.

 

Сентенца

Кога во времето на поднесување на барањето за поведување на прекршочната постапка и во времето на водење на постапката, за прекршок казнив по Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, во сила бил Законот за прекршоците кој претставува поблаг закон во однос на запретените прекршочни санкции во споредба со Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, судот е должен да го примени поблагиот закон.

Образложение

Жалбата е неоснована.

Неосновани се жалбените наводи на подносителот на барањето за поведување на прекршочна постапка дека Апелациониот суд Скопје сторил суштествена повреда на одредбите на постапката, погрешно ги применил одредбите од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам и донел погрешна одлуката за прекршочната санкција, во смисла на тоа дека судот го применил Законот за прекршоците иако истиот не можел да биде применет, со оглед дека обвинетиот како нотар не ја исполнил обврската од член 38 и од член 53 став 1 од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, кој што закон е усогласен со Законот за прекршоците и законодавството на Европската унија и како „lex specialis“ и требало да биде применет.

Имено, од списите по предметот произлегува дека обвинетиот И.И. од С. како нотар, прекршокот го сторил во периодот од 10.12.2018 година до 25.01.2019 година. Министерство – Управа …… С. до надлежниот суд барање за поведување на прекршочна постапка против обвинетиот доставило на 01.04.2020 година.

Во член 2 став 1 од Законот за прекршоците предвидено е дека за прекршокот и прекршочната одговорност соодветно се применуваат одредбите од општиот дел на Кривичниот законик.

Согласно член 3 став 1 од Кривичниот законик врз сторителот на кривично дело се применува законот што важел во времето на извршувањето на кривичното дело. Во став 2 е предвидено ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот.

Согласно член 36 став 1 од Законот за прекршоците (Службен весник на РМ бр.96/2019 од 17.05.2019 година) глоба за правно лица не може да биде помала од 50 евра во денарска противвредност, ниту поголема од 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговци, за мали трговци не може да биде помала од 50 евра во денарска противвредност, ниту поголема од 2.000 евра во денарска противвредност, а за средни трговци не може да биде помала од 250 евра во денарска противвредност, ниту поголема од 6.000 евра во денарска противвредност и за големи трговци не може да биде помала од 250 евра во денарска противвредност, ниту поголема од 10.000 евра во денарска противвредност. Во став 2 од истиот член предвидено е дека за прекршоци од областа на даноците, царините, јавните набавки, јавните финансии и јавниот долг може да се пропише глоба во поголем паричен износ од затаената давачка или износ на набавката, но најмногу во двократен износ од ставот (1) на овој член. Додека во став 4 е предвидено дека за прекршоци сторени од користољубие или за прекршоци со кои се предизвикува поголема имотна штета, може да се пропише глоба до двојниот износ од максимумот на оваа санкција или во сразмер со висината на причинетата штета или прибавената корист, но најмногу до десеткратен износ од ставот (1) на овој член.

Оттука, по наоѓање на овој суд правилна е одлуката на Апелациониот суд Скопје кој при одлучувањето ги применил одредбите од Законот за прекршоците (Службен весник на РМ бр.96/2019 од 17.05.2019 година).

Наведеното од причина што во времето на поднесување на барањето за поведување на прекршочната постапка на 01.04.2020 година и во време на водење на предметната постапка во сила бил Законот за прекршоците (Службен весник на РМ бр.96/2019 од 17.05.2019 година), кој во однос на запретените прекршочни санкции претставува поблаг закон во однос на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Ова дотолку повеќе што при одлучувањето второстепениот суд во предвид ја имал и одредбата од член 165 од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, како во однос на прекршочната санкција така и во однос на забраната за вршење на дејноста, за што во својата одлука дал и доволно образложени факти во смисла на тоа од кои причини истата не ја применил во конкретниот случај.

Пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија Вкж2-27/23 од 31.05.2023 година.